Кинеската сонда „Chang’e-6“ слета денеска на подалечната страна на Месечината, каде што ќе собира примероци за првпат во историјата на човештвото, објави Кинеската Национална вселенска агенција (CNSA).
Сондата полета на Месечината на 3 мај, а слета денеска во 6:23 часот по локално време во Пекинг, пренесе Ксинхуа.
За време на слетувањето користен е автономен систем за избегнување визуелни пречки што со помош на камера избира релативно безбедна зона за слетување, врз основа на светлината и темнината на површината на Месечината.
Сондата потоа лебдеше на 100 метри од Месечината, избирајќи го последното место за слетување со помош на 3D скенер.
Кога конечно беше избрано место за слетување, моторот на сондата беше исклучен и таа слободно падна, заштитена со безбедносна перница.
Задачата на сондата е да собира и враќа на Земјата примероци од далечната страна на Месечината, што е прв ваков потфат во историјата на човештвото.
Експертот на кинеската корпорација за наука и технологија за воздухопловство, Хуанг Хао, објасни дека за оваа мисија е избран кратер на Месечината наречен „Аполо Басен“ поради неговите поволни услови за комуникација и телеметрија, како и неговата релативно рамна површина.
Површината на подалечната страна на Месечината, патем, е погруба од поблиската страна.
Хуанг додаде дека сондата има повеќе сензори, вклучувајќи микробранови, ласерски и оптички сензори кои можат да го мерат растојанието и брзината, како и да детектираат пречки на површината на Месечината.
Собирањето примероци од Месечината ќе трае два дена, и од површината и со копање на подземни материјали.
Со оглед на тоа што контролата на сондата е отежната поради слабиот сигнал на далечната страна на Месечината, операцијата ефективно ќе трае 14 часа, а сондата има можност да донесува некои одлуки самостојно, без човечки инструкции.