Голем пожар во Визбегово – екипите на Противпожарната бригада се активни на терен. Ве информираме дека во тек е интервенција за гаснење на пожарот кој денес избувна во Визбегово, на локација кај обиколницата, каде запален е приватен имот каде што биле складирани стари автомобили, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Вели дека скопската противпожарна бригада на Град Скопје веднаш е излезена на терен и со сите расположливи возила, опрема и човечки капацитети активно дејствува во справување со пожарот.
„Паралелно, на терен се и инспекторите на Град Скопје, а за случајот се информирани Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина, како и Јавното обвинителство. Апелираме до граѓаните за смиреност, внимателност и почитување на насоките на надлежните служби. Состојбата се следи внимателно, а институциите постапуваат координирано, со цел пожарот да биде ставен под контрола, да се заштитат граѓаните и да се утврди одговорност за настанатата состојба. Градот Скопје нема да дозволи неодговорното однесување и создавањето диви депонии да го загрозуваат здравјето на граѓаните и животната средина. Секој што го загрозува јавниот интерес, мора да сноси одговорност“, вели Ѓорѓиевски.




