Дводневните врнежи од септември во неколку области на Сахара во југоисточниот дел на Мароко ги надминаа годишните просеци и предизвикаа поплави, соопштија официјални лица од метеоролошката агенција на земјата.
Тагунит, село на околу 450 километри јужно од главниот град Рабат, забележа повеќе од 100 мм дожд за 24 часа, објави Гардијан.
Сателитски снимки на НАСА покажуваат како езерото Ирики, кое е суво 50 години, се полни со вода.
„Поминаа помеѓу 30 и 50 години откако имавме толкав дожд за толку краток временски период“, изјави за АП Хаусин Јуабеб, официјален претставник на метеоролошката агенција на Мароко.
Овие дождови, кои метеоролозите ги нарекуваат екстратропска бура, би можеле да ги променат временските услови во регионот во наредните месеци и години.
„Како што воздухот задржува повеќе влага, тој поттикнува повеќе испарување на водата и предизвикува повеќе бури“, изјави Јуабеб за американската агенција.
Селест Сауло, генерален секретар на Светската метеоролошка организација, изјави дека „природниот циклус на вода низ светот се менува со зголемена фреквенција“.
„Поради порастот на температурите, хидролошкиот циклус е забрзан. Исто така, стана непредвидливо и нестабилно и денес се соочуваме со се поголеми проблеми со премногу или премалку вода“, рече Сауло.
Во поплавите во Мароко минатиот месец загинаа 18 лица, а ефектите се проширија и во регионите кои беа погодени од земјотрес минатата година.
Исто така, имаше извештаи за преградени акумулации во југоисточниот регион кои се полни со рекордно темпо во текот на септември.