Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, денеска на прес-конференција информираше дека пратеничката група на Левица поднесе интерпелација за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. Пратеникот информираше дека интерпелацијата се темели на повеќе прашања поврзани со политиките што Министерството ги спроведува во енергетиката и рударството, а особено со односот кон државните енергетски капацитети и управувањето со природните ресурси.
Едно од клучните прашања е зошто државата не го оспособува ЕСМ Продажба за активен настап на пазарот и за понуда на поконкурентни услови за граѓаните. Наместо да се зајакнува државниот капацитет, според Мециновиќ, се создава модел во кој јавниот сектор ги презема загубите, задолжувањето и ризикот, додека приватниот капитал ги презема сигурните приходи и профитите.
„Државата не смее да биде организирана така што јавниот сектор систематски ги презема загубите, задолжувањето и ризикот, а приватниот сектор ги презема сигурните приходи и профитите.“, истакна Мециновиќ.
Од Левица оценуваат дека државата мора да располага со силни државни енергетски компании кои ќе можат да настапуваат на пазарот, да создаваат приходи и да обезбедуваат поголема енергетска сигурност. Наместо тоа, јавните претпријатија се оставаат да се задолжуваат и финансиски да ослабуваат, со што државата станува сè позависна од приватни субјекти.
Посебен дел од интерпелацијата се однесува и на политиката во рударството и доделувањето концесии. Жителите на Струмичкиот регион, Босилово, Ново Село и околните места повеќе од една деценија се спротивставуваат на отворањето рударски капацитети во нивната непосредна околина. И покрај долгогодишното противење на локалното население, државните институции продолжуваат со политики кои, според Левица, не го ставаат јавниот интерес на граѓаните во центарот.
Од Левица особено го проблематизираат начинот на кој се поставени концесиите и економската корист што државата ја добива од експлоатацијата на природните ресурси. Прашањето не е само дали Македонија располага со рудни богатства, туку под кои услови тие се експлоатираат, колкав е јавниот приход од нив и кој го презема ризикот од последиците.
„Граѓанинот е единствениот суверен во македонскиот политички систем. Не може природните ресурси на државата да се третираат како приватна сопственост, а гласот на граѓаните да се игнорира“, порача Мециновиќ.
Државата не смее да се откажува од своите економски инструменти и природни ресурси, додека граѓаните ги преземаат трошоците и ризиците од политиките што се носат. Поднесената интерпелација има цел во Собранието да се отвори суштинска расправа за работата на Министерството, за состојбата и иднината на ЕСМ, за енергетската политика, како и за политиката на доделување и реализација на рударските концесии.
Левица бара одговорност за политиките што го ослабуваат јавниот сектор, ја зголемуваат зависноста од приватниот капитал и го потиснуваат гласот на локалното население при одлучувањето за стратешките природни ресурси на државата.
The post (Видео) Левица поднесе интерпелација против Божиновска: ЕСМ во долгови и отворање рудници на смртта не е заштита на јавен интерес appeared first on Во Центар.



