(Видео) Нови снимки: Полицијата обвинета дека лажела за фаќањето на убиецот од Цетиње

Пo масовното убиство во Цетиње, каде Ацо Мартиновиќ уби 12 лица, рани четворица, а потоа се самоуби, Црна Гора се соочува со длабоки политички тензии.

Премиерот Милојко Спајиќ истакна дека земјата се бори со хроничен недостаток на полициски кадар, додека вршителот на должноста директор на полициската управа Лазар Шќепановиќ ја обвини претходната влада за процут на организираниот криминал во последните три децении.

Поранешниот претседател Мило Ѓукановиќ ја критикуваше полицијата за бавноста, наведувајќи дека со часови не може да ги пребрпјат жртвите. Од друга страна, поранешниот премиер и лидер на Граѓанското движење УРА, Дритан Абазовиќ, тврди дека полицијата не можела да го идентификува напаѓачот во клучни моменти и го помешала со еден од нивните инспектори.

„Двајца полицајци забележале дека едниот меѓу нив не комуницира со другите. Кога се обиделе да му се обратат, тој почнал да бега. Тогаш сфатиле дека им се измешал на полицајците“, рекол Абазовиќ.

Сепак, полициското одделение ги отфрли неговите тврдења како неточни и злонамерни, нагласувајќи дека има докази од надзорните камери кои ја потврдуваат нивната верзија за настаните.

„На видеото јасно се гледа како тактички единици со вперено оружје го опкружуваат напаѓачот и му наредуваат да го фрли оружјето и да се предаде. Мартиновиќ потоа се нашол во безизлезна ситуација и извршил самоубиство“, се вели во соопштението на полицијата.

Порталот ETV.me објави подолга верзија на снимката од надзорната камера која ги оспорува официјалните тврдења. На видеото од 22 секунди се гледа како Мартиновиќ шета низ дворот и се упатува кон улицата.

Пред него се гледаат вооружени полицајци како трчаат и се поставува прашањето дали воопшто биле свесни во тој момент дека напаѓачот доаѓа директно кон нив од страна.

Во еден момент тие ги свртуваат светлата кон него и се враќаат, по што Мартиновиќ паѓа.

Црногорската полициска управа наиде на критики бидејќи на видеото од пет секунди што го објавија не се гледа ништо друго освен силуета на маж кој шета низ снегот во дворот, а недостасуваат клучните моменти кои го разјаснуваат целиот контекст на пресметката на масовниот убиец со полицијата. .

Министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ подоцна изрази жалење за неговата претходна изјава во која ги повика граѓаните „да се вратат во нормален живот“.

„Требаше јасно да се каже дека заканата е отстранета и дека веќе нема никаков ризик. Наместо тоа, мојата изјава звучеше несоодветно во тој чувствителен момент“, рече Сарановиќ.

Јавноста го чека официјалниот извештај за да се утврдат евентуалните пропусти и одговорноста за нив и да се расветлат сите околности на трагичниот настан кој ги однесе животите на 12 невини лица.

Пронајдете не на следниве мрежи: