Превирањата во Исламската верска заедница не се нова работа и најчесто се за превласт во скопското муфтиство кое е најбогато и со најмногу имот. Но, во изминатите месеци се случува битка за тетовското муфтиство, која неодамна кулминираше со полициска интервенцијa
Оваа снимка е од надзорните камери пред седиштето на тетовското муфтивство на ИВЗ. Станува збор за 31 јануари, околу 6 и 10 наутро. Се гледа како пред објектот, прво се паркираат неколку возила. Потоа, едно лице влегува во дворот и ги отвора портите за влез на луѓе и автомобили. Потоа, целата група сака да влезе во објектот.
Околу 6 часот и 40 минути, на лице место е и полицијата. Од една страна, ги смирува присутните, но во еден момент еден од полицајците посегнува по појасот. Која и да му е намерата, колегите успеваат да го одвратат.
Тој 31 јануари помина и сега пред седиштето на тетовското муфтивство е мирно и без полиција. Но, во институцијата – врие.
И со зградата и со џамиите во тетовското муфтиство фактички управува Ќани Несими. Но, Исламската верска заедница не го признава откако Ријасетот го разреши на 8 ноември 2023 година заедно со струшкиот муфтија. Несими, пак, не ја признава одлуката на Ријасетот бидејќи смета дека е донесена спротивно на Уставот на ИВЗ.
„На таа средба не бев повикан како муфтија на Тетово, не беше повикан муфтијата на Куманово, не беше повикан муфтијата на Струга, не беше повикан деканот на Факултетот за исламски науки, сето тоа се уставни категории.Не се повикани ниту пет директори разрешени на 22.5.2023 година кои се во судска постапка.Во записникот од 8 ноември на ИВЗ пишува дека не учествувале, овде се вели дека не учествувале и се споменуваат Ќани Несими, Абедин Имери, Шабан Сулејмани, Салим Сулејмани. На состанокот учествуваа сите членови на Ријасетот, освен четири члена, не беше истакнато дека не сме биле поканети, значи не дека не учествувавме, туку не бевме поканети. Во овие околности, ваквата средба е неуставна.Се додека средбата е противуставна, секоја одлука што ќе произлезе е неуставна“.
вели Несими.
Формално, ИВЗ го избра Селвер Џемаили за вршител на должност тетовски муфтија. Тој е еден од луѓето кои, како што се гледа на снимките, се обидуваат да влезат во тетовското муфтивство на 31 јануари.
За Ќани Несими, неговиот избор е неуставен.
Според Уставот на ИВЗ, муфтијата го бира Ријасетот, но по предлог на муфтивството. А, во случајот, тетовското муфтивство и имами во повеќе наврати даваат јасна поддршка на муфтијата кој ИВЗ го разреши, Ќани Несими.
Токму поради поддршката што ја има, вели Несими, нема намера да отстапи.
„Сето тоа се одлуки кои ме обврзуваат да продолжам со мојата должност, да останам во просториите на муфтиство и да ги користам сите овластувања во муфтиство на Тетово, бидејќи сум предложен од Собранието на муфтиството, односно од членовите на муфтиството како тело на одлучување кои се избираат од страна на одборите на џамиите и јас имам целосен легитимитет во делувањето. Наоѓајќи се на уставниот пат, отворија бројни официјални процедури за спроведување на неуставна одлука на ИВЗ“.
рече Несими.
Кога ИВЗ ги разреши тетовскиот и струшкиот муфтија не соопшти многу детали за причините. Но, токму не денот кога имаше неуспешен обид в.д. муфтијата да влезе во тетовското муфтивство, ИВЗ објави соопштение во кое го обвини Несими за неколку кривични дела: дека веќе нема право да ги користи печатите, дека нема право да се претставува како муфтија, дека узурпира имот на ИВЗ…
Следуваа редица обвинувања – зошто бил разрешен. Меѓу нив:
И додека овие обвинувања, ако се вистинити, може да бидат основа за разрешување, тие не нудат објаснување – зошто на седницата на Ријасетот на која се разрешени тетовскиот и струшкиот муфтија, не биле поканети сите членови на ова тело. Тоа беше само едно од прашањата за кои побаравме интервју од ИВЗ. Но, и покрај неколкуте обиди, на крај, од Исламската заедница не излегоа во пресрет.
Разрешувањето на тетовскиот и струшкиот муфтија не се единствените потреси во Исламската верска заедница во последно време. Пролетоска, реисот Шаќир Фетаху разреши пет директори на институции на ИВЗ, кои по Устав се членови на Ријасетот. Разрешениот Муарем Вејсели, директор на Агенцијата за халал-стандард, тогаш го обвини поглаварот за противуставно разрешување.
Според разрешениот, но во исто време фактички вршител на функцијата тетовски муфтија, Ќани Несими, решението за оваа криза е измена на уставот на ИВЗ, нешто што, како што вели, било и предизборно ветување на актуелниот реис. Повикува и на распишување избори за муфтии на државно ниво, но и распишување избори за поглавар на ИВЗ зашто, според него, сегашниот го крши Уставот на Исламската заедница.
„Излез од оваа криза во ИВЗ има само со овие три опции, нема друга опција, јас сум подготвен да потпишам која било од овие опции за да се ослободи ИВЗ.Да се ослободи за да продолжиме и да дојдат други, нека бидат муфтии, нека станат реис, нека има демократски устав“.
вели Несими.
По настаните од 31 јануари годинава, ИВЗ директно ги повика државните институции да интервенираат.
Од Министерството за внатрешни работи одбиваат да се мешаат во внатрешните работи на ИВЗ и велат дека интервенираат само во насока на зачувување на јавниот ред и мир. Барем додека нема извршна судска пресуда.
Резервиран и одмерен е и ставот на директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски.
А судската битка за тетовското муфтивство се води на повеќе фронтови.
Исламската верска заедница раководена од Шаќир Фетаху веќе успеа да го впише в.д. тетовскиот муфтија во Централниот регистар на местото на Ќани Несими. Во јавноста, споделија и фотографии од три решенија на Управниот суд во кои се отфрлаат тужбите на Несими. Од приложените фотографии, сепак, не може да се види и кој е основот за одбивање.
Несими, пак, на фејсбук-профилот на тетовското муфтивство возвраќа со фотографии од средби со имамите од тетовските џамии и џамиските одбори како порака дека тој ја има поддршката на терен.