(Видео) Ужас во Хрватска: Ученик со нож изврши напад во основно училиште, едно дете почина има и повредени

Утрово напад со нож се случил во основно училиште во загрепската населба Пречко. Според првичните информации, напаѓачот наводно е малолетник, а повредени се вкупно седум лица – пет деца и двајца возрасни. ХРТ објави дека неофицијално дознава дека едно дете починало.

Како што пренесуваат хрватските медиуми напаѓачот влегол со нож во училиштето и упаднал во првата училница на која наишол. Според извештаите, тоа било прво одделение, а не се знае дали жртвите биле само од тој клас или од други.

Весникот „Вечерњи лист“ неофицијално дознава дека напаѓачот има 15 години, а не се знае дали бил ученик на ова училиште или на некој друг начин е поврзан со таа институција.

Според хрватските медиуми, ученик со нож нападнал професор и неколку ученици.

Училиштето се наоѓа во Загребската населба Пречко, а денеска е крајот на првата половина од учебната година.

На терен се полицијата и брзата помош. Некои од повредените се во животна опасност.

Порталот Нет.хр наведува дека лекарите се борат за животот на повредената наставничка и дека е префрлена во КБЦ Свети Дух.

Како што дознава „Вечерњи лист“, училиштето е под опсада, некои деца се извадени од училиштето, но дел од нив се уште се во зградата.

Порталот Index.hr објави дека едно дете од прво одделение е повредено и дека наводно децата избегале скокајќи низ прозорецот.

Хеликоптер на брза помош слета на училишното игралиште.

Радио Сљеме објави видео на кое луѓе бегаат од училиште.

Пронајдете не на следниве мрежи: