(Видео) Украина нападна на нафтено складиште во Русија и покрај предупредувањата на Трамп: Над 500 дронови испратени кон руска територија

Украина, според првичните информации, извршила нов масовен напад со беспилотни летала врз руска територија, при што било погодено складиште за нафта во градот Валујки, во Белгородската област. По нападот избувнал пожар, а информациите укажуваат дека во текот на ноќта биле лансирани повеќе од 500 украински дронови кон различни цели во Русија.

Нападот доаѓа во исклучително чувствителен момент, само два дена откако американскиот претседател Доналд Трамп објави таканаречено „енергетско примирје“, со кое требаше да се ограничат нападите врз енергетската инфраструктура на Русија и Украина.

Според првичните извештаи, ова би бил првиот украински напад врз руски енергетски објект по објавувањето на американската иницијатива.

Особено значајно е што нападот следува по информациите дека Вашингтон го предупредил Киев оти продолжувањето на ударите врз руската енергетска инфраструктура би можело да предизвика сериозни последици за американската воена поддршка.

Меѓу мерките што наводно биле разгледувани се ограничување на размената на разузнавачки информации и замрзнување на механизмот PURL, преку кој европските сојузници финансираат набавка на американско оружје за Украина.

И покрај овие предупредувања, од украинска страна претходно пристигнаа остри пораки дека нападите врз руските рафинерии нема да престанат.

Според непотврдени информации од неодамнешните американско-украински разговори, украински претставници порачале дека ќе продолжат со уништување на руските рафинерии и пристаништа, без оглед на притисокот од Вашингтон.

За Киев, руската нафтена инфраструктура претставува важна стратешка цел бидејќи приходите од енергетскиот сектор се значаен извор за финансирање на руската држава и воените операции.

Истовремено, американската администрација настојува да спречи дополнителни нарушувања на глобалниот пазар на енергенси, во услови на зголемени геополитички тензии и притисок врз цените на горивата.

Пронајдете не на следниве мрежи: