Едно место е празно во соблекувалната на ФК Шкупи. Многупати заедно прославувале победи, но денес е тивко и се слуша само шумот на свеќата пред дресот со бројот на Андреј Лазаров, пишува ТВ21.
19-годишениот фудбалер, трагично го загуби животот во пожарот кој ја зафати дискотеката во Кочани. Веста ги парализираше и соиграчите, и навивачите, и целата фудбалска заедница.
Андреј, млад фудбалер, надежен играч и уште поважен – пријател, брат, синоним за тимски дух, го загуби животот во трагедијата што ја потресе цела држава. Дискотеката во Кочани изгоре, а со неа згасна и животот на момче чии соништа штотуку почнаа да се реализираат.
Андреј се спасил, но се вратил во огнот за да спасува и други.
На денешниот тренинг, играчите не тренираа. Седеа во тишина. Некои се молеа, некои го гледаа дресот, други само гледаа во празно. Никој не зборуваше гласно, но сите мислеа на истото – на Андреј.
A во спортот се учи да се победува и да се губи. Но ваква загуба не се учи – се носи во срцето и таму останува засекогаш.
„Договорот ќе продолжи. Се уште е наш играч“, изјави Туран.