Вистината за бременоста по 40-тата, ова треба да го прочита секоја жена

Mногу светски познати ѕвезди како Хали Бери, Џина Дејвис и Сузан Сарандон останаа бремени по 40-тата година од својот живот. Но, дали зад оваа информација се крие подлабока вистина?
„Во медиумите сè почесто ја слушаме приказната за тоа како одредени познати личности успеале да забременат на природен начин во четириесеттите или педесеттите години, но тоа за жал, дава лажна надеж за многу жени кои веќе долго време безуспешно се обидуваат да останат во блажена состојба по природен пат. Тие обично доаѓаат со прашања од типот ‘таа и таа глумица забременила на 47 години, зошто јас не можам?’“, наведува докторката Девора Либерман, специјалист за плодност од Сиднеј, Австралија.
„Кога повеќе познати личности би собрале храброст и јавно би им признале на тие жени која е всушност вистината, тие многу полесно би можеле да сфатат дека ‘чуда’ не се случуваат. Така, над 50% од жените до својата 42-ра гoдина веќе не можат да забременат со своите јајце клетки, а до 45-тата, шансите за бременост настаната по природен пат скоро и да не постојат. Затоа, ако слушнете дека некоја ѕвезда забременила толку доцна во животот, можете да бидете скоро сигурни дека во прашање е вонтелесно оплодување или донирање јајце клетки,“додава д-р Либерман.
Исто така, и младите жени треба да сфатат дека не можат да останат бремени многу лесно. Шансите девојка во 20-тите да остане бремена секој месец се 20-25%, а веројатноста опаѓа како што минуваат годините, смалувајќи се на само 10-15% после 35-тата. До 40-тата година паѓа на 5%, а до 45-тата на само 1%.


А, што е најголемиот проблем во целата приказна? Тоа што во 1993 година, 23% од новите мајки биле над 30 години, а во 2011 тој процент се искачил на 43. Заклучокот е дека жените сè почесто одлучуваат да го одложат создавањето семејство, па забременуваат по 35-тата.
За жал, многу жени не сфаќаат дека мајката природа не игра според правилата на луѓето и нема да чека тие прво да изградат кариера и куќа од соништата, бидејќи кога тоа ќе се случи (ако се случи), може веќе да биде предоцна.
Кога е во прашање методот на вонтелесно оплодување (in vitro), ни тука работите не се најдобри – не само што самата процедура е скапа, туку и процентот на успешно забременување е многу мал – само 6,6% по 40-тата и 1,2% по 45-тата. Причината за тоа не е во самата процедура, туку во квалитетот на јајце клетките, кои по 40-тата значително потешко се оплодуваат, а ризикот од појава на компликации при развојот на фетусот станува значително поголем.
Дури и ако друга жена донира јајце клетки, жена во средни години значително потешко ќе може да ја поднесе бременоста. Повеќето жени претежно се фокусираат исклучиво на процедурата на оплодување, занемарувајќи го овој аспект што е голема грешка.
Советот е јасен: Доколку имате стабилна врска и доволно пристојни примања, почнете со планирање семејство што порано, а ако тоа не ви оди најдобро – наместо скапи процедури, земете подолг одмор, одете во природа и често водете љубов. На тој начин значително ќе ги зголемите шансите за создавање семејство.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.