Вкупно седум заболени од коронавирус во Македонија, здравствените власти само со апел заштитните мерки да се почитуваат

Седум случаи на заболени од коронавирус се регистрирани во земјава, откако вчера присуството на Ковид-19 беше регистрирано кај директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Билјановска, а подоцна Министерството за здравство информира дека од осумте тестирани пациенти вчера попладне, тројцата членови на семејството на сопружниците од дебарско се позитивни.
Директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Билјановска, која пред една недела се вратила од Италија, не се пријавила во здравствените служби, изминатите денови одела на работа, а викендот дури одржала и стручно предавање за дерматовенеролози на кое присуствувале 103 лица од кои дел биле вработени на Клиниката.
– Во домашна изолација се 64 здравствени работници од Клиниката за кожни болести и 24 пациенти од кои 11 биле хоспитализирани на Клиниката, а 13 се лекувале во Дневната болница. Клиниката ќе биде затворена 14 дена, а директорката ќе биде суспендирана, бидејќи не се пријавила кај службите дека се вратила од Италија. Се чекаат резултати од тестирање на коронавирусот за осум лица, кои немаат поврзаност со заболената директорка, истакна вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Тој рече дека одговорност ќе има апсолутно за секој кој нема да се придржува до пропишаните мерки.
-Во таа смисла повторно апелирам до сите на кои им е препишана мерката домашна изолација доколку патувале во ризичните региони да внимаваат на мерките и да се придржуваат до сите мерки што веќе неколку недели по ред, неколкупати на ден ги повторуваме, а загрозувањето на јавното здравје е многу сериозен прекршок. Никој нема да биде поштеден од одговорност. Сакам да повикам на разумност, сакам да повикам на максимално почитување на апсолутно сите препораки, рече министерот Филипче.
Директорката, како и останатите заболени од коронавирус, е хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести, а за нејзиниот случај Филипче изрази огромно разочарување во контекст на непочитување на препораките и апелите за задолжителната автоизолација после секое патување во ризичните региони.
– Нејзината здравствена состојба е иста, како и здравствената состојба на двајцата сопружници со коронавирус кои се претходно хоспитализирани, и е стабилна, има лесна клиничка слика, додека првозаболената е во практично целосно стабилизирана состојба. Ќе се направи контролниот тест по што ќе се одлучи дали ќе биде отпуштена од болница, рече Филипче.
Тој најави дека најверојатно ќе биде затворено и Одделението за кожни болести во Штип, затоа што сите лекари присуствувале на симпозиумот во Скопје. Со оглед дека е најавено и затворање на Клиниката за кожни болести во Скопје, потенцира министерот за здравство, пациентите кои треба да бидат прегледани ќе бидат преупатувани во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.
Тројцата членови на семејството на сопружниците од дебарско, кај кои исто така е констатирано присуство на Ковид-19 од 7 март биле во домашна изолација со решение на ДСЗИ, а од синоќа се хоспитализирани и лекувани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
На коронавирус се негативни: лицето кое на 26-ти минатиот месец престојувало во Бугарија, неговата сопруга, патникот од Сингапур, наш државјанин кој пред три дена се вратил во земјава, едно лице од Гевгелија и едно од Дебар.


Во меѓувреме, најважно е тоа што граѓаните треба да ги почитуваат препораките, не треба да патуваат во Италија каде има најголем број заболени во Европа, треба да одржуваат лична хигиена и сериозно да ги сфатат секојдневните апели за самоизолација по доаѓање од ризичните региони каде има заболени од коронавирус. При влез на граничните премини граѓаните треба да кажуваат точни податоци, а ако имаат симптоми треба да ги информираат епидемиолошките служби.
Филипче вчера потенцира дека доколку се утврди непочитувањето на сите препораки кои ги усвои Владата, апелите за неодржување масовни собири на кои се очекуваат гости од странство, автоизолација после доаѓањето од ризичните региони, како и доброто спроведување на веќе препорачаната мерка со здравствен надзор и самоизолација, ќе бидат преземени најостри мерки на санкционирање.
– Секој кој доаѓа од ризичен регион доколку на граница нема симптоми, тоа е тој најризичен стадиум на болеста, на инкубација кога нема симптоми, а веќе имало контакт со заболен, мора да остане во автоизолација 14 дена. На тој начин го штитиме сопственото здравје, здравјето на нашите најблиски, на сите граѓани. Мора да имаме одговорност кон колективното здравје, рече Филипче и додаде дека не можат да ги затворат границите, ниту една земја во Европа тоа го нема направено и тоа е невозможно.
Во меѓувреме, поради брзото ширење на коронавирусот од вчера цела Италија е таканаречено „заштитено подрачје” и движењето на луѓето е строго ограничено. Во Италија моментално има 7.985 заразени лица, а 462 лица починаа поради коронавирусот. Само вчера се потврдени 1.592 новозаболени од Ковид-19.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.