Владата верува дека со законот за високо образование ќе ги задржи младите дома, студентите со критики

Премиерот Христијан Мицкоски денеска заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска изразија уверување дека новиот Предлог-закон за високо образование ќе даде резултати бидејќи, како што рекоа, е направен преку широка дебата со засегнатите страни. Според Мицкоски, новото законско решение кое наскоро треба да се најде во Собранието, создава услови младите да останат дома и да го градат својот професионален пат во сопствената држава.
– Мора да сме свесни дека ако продолжиме на овој начин да функционираме ќе ги изгубиме младите и да не се чудиме зошто илјадници наши млади студираат на универзитетите во регионот. Мора да понудиме квалитет ако сакаме да имаме генерации коишто утре ќе ја водат оваа држава. Со импровизирање и со ад хок решенија или решенија што се креирани само за една мала група на луѓе не можеме да одиме напред. Ова не е закон на една Влада, туку закон за иднината на државата. Закон кој треба да донесе квалитет, стабилност и перспектива, рече Мицкоски во својот говор во свечената сала на Владата.

Но,поранешниот претседател на Универзитеското студентско собрание при УКИМ и член на работното тело за реформи во високото образование Александар Николовски, кој беше и единствениот претставник на студентите, со забелешки на законското решение.
– Во делот на мандатите, студентските претставници немаат побарано тие да траат две години со можност за реизбор. Нашето барање беше тие да траат две години без право на реизбор. Сметаме дека доколку мандатите траат четири години (со реизбор) се нарушува демократијата и дел од студентите нема да имаат шанса да се вклучат во студентското организирање, рече Николовски.

Николовски упати и забелешки околу организацијата на денешниот настан односно дека тој е зкаажан за помалку од 24 часа поради што младинските организации не можеле да се организираат за да присуствуваат.
– Сметам дека доколку сакаме да водиме инклузивни процеси и сакаме да ги слушаме младите треба навреме да сме известени бидејќи имаме што да кажеме и сакаме да помогнеме и да учествуваме во процесите, рече Николовски.

Пронајдете не на следниве мрежи: