Владата го стокми законот, Заев ја предлага Вилма на местото од Катица

СЈО да се интегрира во обвинителството за организиран криминал, предвидува новиот текст на Законот за Јавно обвинителство, кој Владата го испрати до сите политички партии, а од понеделник ќе биде во собраниска процедура. Предлог на премиерот Зоран Заев е обвинителката Вилма Рускоска да го води ова обвинителство кое треба да ги преземе и предметите, обвинителите, истражителите и архивите на СЈО.
Предлозите за иднината на Специјалното јавно обвинителство , Заев ги изнесе на прес-конференција.
„Идната недела до Собранието ќе предложиме текст на Закон за Јавно обвинителство. Ќе отвориме дијалог со сите партии во Собранието, каде што е местото. Текстот ги вградува оние точки за кои сме разговарале досега со опозицијата и другите пратенички групи, кои сметам дека можат да бидат прифатливи за најголем дел од пратениците. Суштинските делови на овој закон кој денеска ќе биде доставен до сите политички партии подразбираат СЈО да се интегрира во досегашното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и добива нов назив Обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. Ќе има самостојност која одговара во најголем дел што ја имаше СЈО досега, но во хиерархија во досегашното обвинителство, изјави премиерот.


-Со новото обвинителство ќе раководи Вилма Рускоска, а сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во новото обвинителство. Нивниот мандат е до 15 септември и имаат право на реизбор. На овој начин ќе обезбедиме досегашните ресурси на СЈО во нова форма и без никаква можност политичарите да влијаат на изборот на обвинители. Тоа ќе биде работа на советот на јавни обвинители, ќе нема нови проблеми за избор на нов шеф. сите случаи на СЈО пред судовите ќе ги продолжи новото јавно обвинителство, а постојните вработени преминуваат во новоформираното обвинителство“, кажа Заев на прес-конференција во Владата.
Тој кажа дека новото обвинителство ќе има финансиска самостојност и висината на средствата на ново обвинителство ќе се утврдува на предлог на шефот на ова обвинителство, кој ќе го достави до јавниот обвинител и Министерството за финансии, а Владата и Собранието ќе немаат право на измени.
Според текстот на предложениот закон, првиот човек на ова обвинителство ќе може да се разреши само со двотретинско мнозинство од членовите на Советот на јавни обвинители.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.