недела, 15 ноември 2026
Најново

Владата им ги зема лиценците за канабис на 6 фирми меѓу кои и „Алфафарм“

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Државата повеќе нема да гледа настрана онаму каде има сомнеж за злоупотреба на дозволи за производство канабис за медицински цели, рече предмалку на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу и соопшти дека владата на седница денеска им ја одзела дозволата на 6 лиценцирани компании за производство на канабис за медицински цели, затоа што контролата кај нив покажала дека несоодветно го складирале сувиот цвет кој бил отворен, без запечатување и нескладиран во картонски кутии а имале и куп други прекршувања на Законот за контрола на опојни дроги.

Контролата беше направена во 13 од вкупно 43 фирми со лиценца, откако во Србија прошверцувана беше поголема количина марихуана за која постои сомнеж дека е од скопската фирма „Алфафарм“.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

„Алфафарм“ ја загуби лиценцата денеска, соопшти Алиу, а останатите 5 се „Гринлајф“ „Лајфплант“, „Атафарм“, „Медплант“ и „Канабидоис“.

Во купот прекршувања на Законот за контрола на опојни дроги на овие фирми – тие не доставувале известувања до Комисијата во Министерството за здравство (како што мораат според Законот за контрола на опојни дроги) дека ќе произведуваат, берат и ќе купопродаваат сув цвет. Исто така, тие не доставувале до Комисијата договори за трансфер и продажба на сувиот цвет. Тоа што било констатирано како количина на сув цвет од канабис во сеф-собите во фирмите, отстапувало од она што било евидентирано кај нив „на хартија“.

Во некои од нив камерите не работат, нема обезбедување и нема документи, информираше Алиу.

Тој посочи дека секторот за одгледување канабис за медицински цели мора да функционира законски без сиви зони и без привилегирани.

Со законот за контрола на опојни дроги е предвидено овој сектор за производство на канабис за медицински цели да биде контролиран од цела Агенција, ама таа не постои во реалноста. Во реалноста цела контрола ја имаат 5 луѓе во Комисијата на министерството за здравство која не може да постигне да контролира како што треба.

Пропустите во системската контрола што се констатирани, според Алиу ќе бидат поправени со нов Закон кој нема да може повеќе да се злоупотребува и нема да содржи недоречени реченици.

Во контролата се опфатени 43 фирми за производство на канабис за медицински цели а контролата е во соработка со МВР, МАЛМЕД, инспекторатот за земјоделство и здравствениот инспекторат.

Поврзани вести