Молк од Владата и Министерството за надворешни работи по последната безмалку навредлива и провокаторска изјава на грчкиот европратеник, Емануил Кефалојанис кој, меѓу другото порача дека „македонскиот јазик е 90 отсто бугарски“. Редакцијата на „Локално“ испрати прашања до двете државни институции во однос на тоа кој е нивниот став и дали го осудуваат ваквиот наратив, но, до објавување на текстот не добивме одговори.
Европратеникот на седница на Европскиот парламент рече дека македонскиот јазик е 90 проценти бугарски и оти немало потреба претставниците на Македонија да ставаат слушалки за превод кога некој зборува на бугарски.
„Гледам дека кога зборуваат моите бугарски колеги, вие ставате слушалки. Ајде да направиме експеримент. Зборувајте на вашиот јазик, да видиме дали нашите бугарски колеги ќе стават слушалки за да го слушнат преводот на тоа што имате да го кажете. Дури и многу официјални претставници на вашата земја и министри прифатија дека вашиот јазик е 90% сличен на бугарскиот“, рекол Кефалојанис.
Тој повторно го покренал прашањето за употребата на уставното име на Македонија од страна на домашните власти.
„Новата влада што се појави по неодамнешните избори во вашата земја продолжува да го користи терминот „Македонија“ и „македонски“, со што го прекршува најважниот услов во Договорот со Грција“, додал грчкиот европратеник.
Кефалојанис доаѓа од редовите на грчката Нова демократија, чијшто лидер е актуелниот грчки премиерот Кирјакос Мицотакис. Токму Мицотакис пред неколку дена изрази уверување дека Македонија ќе разбере дека не е во нејзин интерес да го задржи ставот што предизвикува проблеми со Грција.
Во интервју за телевизијата „Антена“, Мицотакис нагласи дека Грција е најголемиот сосед и важен инвеститор, и дека земјава очекува поддршка од Грција во процесот на евроинтеграција. Мицотакис повтори дека ја очекува јасната позиција од државниот и политичкиот врв на Македонија во однос на почитувањето на Договорот од Преспа.
На 29-ти ноември, грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис изјави дека Грција нема да толерира непочитување на Договорот од Преспа и ја предупреди Македонија дека ќе има последици.
-Од наша страна секогаш се гледаше со добра намера. За жал, по изборите во С.Македонија имавме поинаква реторика. Грчката влада нема да покаже толеранција по ова прашање. Имаше сериозни отстапки за да се обезбеди прилично сложено име. Ќе останеме посветени на ова прашање и на секој начин ќе го поддржиме неговото спроведување, во спротивно секако ќе има последици, изјавил тој во интервју за грчкото радио „Realfm“.
Додал дека тоа е меѓународен договор кој мора да се спроведува без прекин и диференцијација.
-Актуелната власт како опозиција и јас имавме негативен однос кон Договорот од Преспа. Мислам дека има сериозни правни и правно-политички прашања. Сепак, тоа е меѓународен договор кој има предност пред законите, не може да се менува еднострано. Јасно е дека двете страни мора да го почитуваат тоа, дециден е Герапетритис.
Шест и пол години по потпишувањето на Преспанскиот договор, тој сè уште ја бранува јавноста и во земјава и во Грција. Темата стана особено актуелна по промената на власта во Македонија, кога при давањето на свечената заклетва во Собранието, новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова избегна да го употреби официјалното име на земјата. Таквата пракса продолжи и на сите домашни и меѓународни случувања, кога место уставното име – таа го користи терминот „мојата земја“. Ваквата промена во курсот на односите меѓу двете земји, предизвика серија реакции во Грција, од каде порачаа дека Договорот од Преспа мора да се почитува и од двете страни.
Шест и пол години по потпишувањето на договорот со кој се затвори долгогодишниот спор за името меѓу двете земји, остануваат да се ратификуваат по три договори и во македонскиот и во грчкиот парламент.