Владата ќе одлучува за нови мерки за празниците, течат подготовките за вакцинација

Вчера во Македонија беа направени 741 тестирања, а регистрирани се 213 нови случаи на ковид-19 и 26 лица починати од последиците на вирусот, според информациите на Министерството за здравство.
Притоа, Комисијата за заразни болести најави воведување на нови мерки за претстојните новогодишни и божиќни празници. Имено, тие вчера предложија до владата угостителските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега.
Комисијата исто така достави и препорака за групирање во станови за престојните празници, а ќе им препорача и хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.
Останува на сила забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. Во престојниот период Комисијата за заразни болести препорачува забрана за групирање по плоштади за пречек и прослава на Новата година, како и секаков вид собири во периодот на празниците.
Премиерот Зоран Заев вчера потврди дека Владата ќе ги разгледа предлозите на Комисијата за заразни болести и се очекува нивно прифаќање.


„Доаѓа време на празници, прво католички Божиќ, Нова Година, православен Божиќ и другите празници од крајот на годинава и во јануари и е многу логично да сериозно разгледуваме вакви аспекти“, нагласи Заев вчера и додаде дека му е драго што Комисијата за заразни болести навремено ги дава ваквите предлози и штом ќе ги утврдат веднаш ќе ги соопштат.
Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во вчерашното гостување во Дневникот на телевизија Сител, потенцираше дека изминатиот период интензивно се работеше на координација и подготовка на здравствениот систем за вакцинацијата против ковид-19.
Филипче информираше дека преку три механизми бараме по 800 илјади дози вакцини, а целта е да се вакцинира 60% до 70% од населението, повторно нагласувајќи дека први за вакцинација ќе бидат здравствените работници, посебно оние кои работат со ковид пациентите, понатаму повозрасните граѓани над 65 години, пациентите со хронични болести, особено оние со хронични болести на белите дробови, срцето.
Вакцината ќе биде бесплатна за граѓаните и на доброволна основа, но со цел да се подигне свеста за потребата од вакцинација, Филипче најави дека се подготвува кампања, воедно и дека ќе бидат преземени сите мерки, вклучително и повикување на одговорност за оние кои ќе шират лажни вести во врска со неефикасноста на вакцината или нејзината поврзаност со некои болести.
„Видовме и бевме сведоци на силна антиваксерската кампања минатата година за време на епидемијата со морбили. И тогаш имавме сериозен проблем. Но сега, повеќе од било кога е јасно какви се ефектите и последиците од болест за која немаме вакцина.”, посочи Филипче.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.