Од власта потсетуваат дека идната година минималецот ќе се зголеми.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши во телефонско јавување за Стадион изјави дека не треба да се брза и дека Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) треба да причекаат со барањето за покачување на минималната плата, кое според усвоената методологија секако ќе се случи во март наредната година.
„Поднесено е до Влада барањето да се конституира економско-социјалниот совет. Според закон минималната плата ќе се зголеми следната година во март. За да има зголемување на минималната плата претходно како што бараат синдикатите, треба да се направи смена на законот, а за тоа треба зелено светло од економскиот-социјален совет, значи најпрво треба да се формира тој совет“, вели Дурмиши.
Додава дека сите одлуки мора да се носат откако претходно ќе се слушнат барањата на сите инволвирани страни, а не само на работниците.
„Одлуките мора да се носат со консензус и мора да се слушнат барањата и на работниците и на бизнисот. Сепак компаниите се тие кои ги креираат работните места. Мора да се носат мерки кои ќе значат раст и развој на економијата и отварање на подобро платени работни места и зголемување на животниот стандард на граѓаните“, нагласува Дурмиши.
ССМ бара минималната плата да се зголеми на 450 евра. Работниците во Македонија кои се на минимална плата заработуваат 367 евра месечно. Земјите од регионот имаат повисоки минимални плати. Во медиумите имаше тврдења дека дел од македонските работници примаат плати пониски од минималецот.