Во Кавадарци денес, на 18-от Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, се очекува Христијан Мицкоски да биде реизбран за претседател на партијата, кој е воедно и единствен кандидат за оваа функција.
На Конгресот, под мотото „Визија што гради држава – За следната генерација 2030“, се очекува да присуствуваат 2.600 луѓе, од кои 850-860 делегати и 1.700-1.800 гости, а се очекува да биде одобрена и „Стратегијата Македонија 2030“.
„Генерално, станува збор за документ кој ја содржи визијата за тоа како ние, како ВМРО-ДПМНЕ, моментално владејачка партија, и се надеваме дека во периодот што го опфаќа овој документ до 2030 година, ќе ја гледаме Македонија и кои се столбовите врз кои ќе ја темелиме нашата политика како политичка партија и како најголема политичка партија во рамките на Владата“, рече Мицкоски.
Според него, ова ќе биде најмасовниот Конгрес досега, а ќе има и говори од неколку сестрински партии.
Конгресот ќе се одржи според вообичаеното сценарио – одобрување на дневниот ред, избор на работен претседател кој ќе го води самиот настан, одобрување на Стратегијата „Македонија 2030“, потоа избор на изборна комисија, предлог или предлози за претседателски кандидат, говори на дел од делегатите и разгледување на извештајот за материјално-финансиското работење на партијата.
Конгресот ќе биде домаќин на презентација на претседателскиот кандидат, за време на која тој ќе треба да даде визија за наредниот период.Потоа следува самото гласање, по што ќе има извештај од Изборната комисија. Ќе бидат избрани претседателот и членовите на статутарната комисија предложени од претседателот, како и комисијата за надзор на материјално-финансиското работење. Конечно, планирано е обраќање на избраниот претседател на партијата пред Конгресот.
Мицкоски најави дека доколку биде избран, ова ќе му биде последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи Статутот на партијата предвидува дека едно лице може да биде реизбрано за претседател максимум три мандати.
The post ВМРО-ДПМНЕ денес одржува конгрес, Мицкоски единствен кандидат за лидер на партијата appeared first on Во Центар.



