Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари билатерална средба со министерот за правда на Ирска, Џим О’Калахан, во рамките на Министерскиот форум ЕУ–Западен Балкан за правда и внатрешни работи, кој се одржува во Будва, Црна Гора. Во фокусот на средбата беа продлабочувањето на соработката меѓу двете земји и поддршката на Ирска за процесот на европска интеграција.
Шасивари изрази благодарност за континуираната поддршка на Ирска за нашата земја, како и за нејзиниот ангажман за време на претседавањето со Советот на ЕУ, нагласувајќи ја важноста од продолжување и зајакнување на ова партнерство.
На средбата, го информираше ирскиот колега за реформската агенда на државата, со посебен акцент на подготовката на новиот Кривичен законик, новиот Закон за кривичната постапка, Законот за Јавното обвинителство, Законот за судскиот буџет и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.
Една од клучните теми беше дигитализацијата на правосудството. Министерот Шасивари побара поддршка, експертиза и искуство од Ирска во подготовката и спроведувањето на Стратегијата за информатичко-комуникациска технологија во правосудството, со цел модернизација на услугите и зголемување на институционалната ефикасност.
Во разговорите беше истакната и важноста на Извештајот на Европската комисија за 2026 година, чии препораки претставуваат значајна насока во спроведувањето на реформските приоритети.
Министерот Шасивари нагласи дека реформите во правосудството бараат одлучност, одговорност и стабилни европски партнерства, со цел изградба на поефикасен и модерен правосуден систем.
The post Шасивари – О’Калахан: Ирска е важен партнер во унапредувањето на реформите и европската агенда appeared first on Во Центар.



