По завршувањето на средбата, од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека од понеделник ќе продолжат дискутиите со претставниците на „Вреди“ за евентуалната соработка и формирање на владејачко мнозинство во Собранието и формирање на Влада
Во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ се вели дека на денешната средба помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ биле договорени општите начела за соработка за идната влада, која ќе се базира на три постулати – евроинтеграции, забрзан економски развој како и борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото.
„Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
На денешната средба, од страна на ВМРО-ДПМНЕ биле присутни претседателот Христијан Мицкоски, потпретседателите Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Кочоска Димитриеска, како и шефот на кабинет на претседателот Владимир Нелоски, од страна на „Вреди“ беа присутни Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
По убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 8 мај лидерот Христијан Мицкоски вчера во седиштето на партијата одржа состанок со претседателите на партиите кои се дел од коалицијата „Твоја Македонија“ од кои рече дека добил поддршка за отпочнување преговори за состав на идната влада.
Мицкоски ден по изборите преку објава на социјалните мрежи информираше дека на состанок со раководството на партијата ги поставиле контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со останатите партиите.
Рамката за постизборно коалицирање што раководството на партијата ја дефинирало денеска се состои од три точки: Економски силна држава, преку реформи и чекори кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард, фронт против криминалот и корупцијата и постигнување правда и реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи.
Инаку, според првичните официјални резултати од парламентарните избори што ги обајви Држвната изборна комисија ВМРО-ДПМНЕ со коалцијата „Твоја Македонија“ оствари апсолутна победа и во идниот состав на Собранието би требало да биде застапена со 58 пратеници, додека коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците ќе има 13 пратенички мандати.