ВМРО-ДПМНЕ реагираше на ставовите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оценувајќи дека со нив ги прифаќа бугарските позиции и дека најавениот „мастер-план“ би значел нови отстапки кон Софија.
„Филипче постојано повторува дека подобра преговарачка рамка немало. Но токму таа преговарачка рамка е она што ја држи државата заглавена пред вратата на ЕУ“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Филипче ја повторува тезата дека барањето за внесување на Бугарите во Уставот е европска, а не билатерална позиција.
„Филипче препишува од тетратката на Румен Радев и на Петрова Чамова и ја повторува тезата дека бугарското барање е европска позиција, а не билатерален спор“, се наведува во реакцијата.
Од партијата се осврнуваат и на најавите на Филипче за нов „мастер-план“.
„Мастер-планот на Филипче е да дојде на власт по секоја цена, да им го исполни барањето на Бугарија со впишување Бугари во Уставот и да го заврши она што го почна Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, таквиот план би значел „нова отстапка на штета на националните интереси“.
Од ВМРО-ДПМНЕ го споменуваат и прашањето за моштите на цар Самуил, наведувајќи дека Филипче молчи за темата и се обидува прашањето да го префрли на историчарите.
„А секако Филипче, како другар на Радев, сега молчи за моштите на Цар Самуил и се обидува да ја префрли топката на историчарите“, се наведува во соопштението.



