ЉУБЌО БАРА ИЗВИНУВАЊЕ ЗА ПЕНДИКОВ. БИЛ ТЕПАН ПОРАДИ ОМРАЗА

Откако вчера Основното јавно обвинителство Охрид поднесе Обвинителен предлог против еден од напаѓачите на Пендиков за кривично дело – Тешка телесна повреда, извршено, според обвинителството, од омраза поради националната и етничката припадност, денеска ВМРО-Народна партија на Љубчо Георгиевски побара извинување од сите оние кои јавно тврделе или шпекулирале дека нападот врз Христијан Пендиков – секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, бил од криминални побуди.

„ВМРО-Народна партија јасно и недвосмислено се залага и бори против ширење на лажни вести.

Во тој контекст, а во однос на одлуката на основното јавно обвинителство од Охрид дека нападот на секретарот на бугарскиот клуб ‘Цар Борис Трети’ од Охрид не е извршен поради претходни нерасчистени криминални побуди туку се квалификува како нанесување на тешки телсни повреди од омраза, бараме сите јавни чинители, но и индивидуите кои сакаат да бидат општествено активни а притоа учествуваа во преиначувањето на делото како напад со криминална позадина до степен на создавање перцепција дека и добро е што бил истепан, да имаат доблест и се извинат на македонската јавност што лиферувале непроверени и лажни информации“, побараа од партијата.

Според нив, на тој начин ќе се покаже „барем малку достоинство и заложба на широката јавност да во иднина не подлегнува на лажни информации, а со тоа и да подгрева национална омраза“, велат од партијата.

За потсетување, според Обвинителството, на 19 јануари во кафе бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди.

Од Обвинителството исто така посочија дека во текот на истражната постапка сега обвинетиот се бранел со молчење, но сите околности биле проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видео надзорот.

Пронајдете не на следниве мрежи: