Внимавајте со личните податоци- Има лажни наградни игри на социјалните мрежи

Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП) информира дека се забележува зголемена активност на организирање лажни наградни игри преку социјалните мрежи (Facebook, Instagram…). При тоа, велат од Дирекцијата, на граѓаните им се ветуваат различни видови на награди, а за возврат од нив се бара да ги откријат своите лични податоци како што се име и презиме, адреса, фотографија, број на лична карта, матичен број, податоци од платежни картички, како и копии од лични документи.
Дирекцијата советува граѓаните да бидат исклучително внимателни при откривањето на своите лични податоци на интернет, затоа што постои зголемен ризик да бидат злоупотребени за други незаконски цели.


– Апелираме граѓаните да бидат внимателни и да не ги доставуваат своите лични податоци преку интернет на непознати или недоволно познати лица без да проверат дали објавената информација за наградна игра е точна. Во овој контекст истакнуваме дека во вакви случаи најчесто се користат техники на компјутерски базиран социјален инженеринг како што се „phishing“ и „pharming“. Овие облици на измама опфаќаат збир на активности од неовластени испраќачи, преку користење лажни пораки од е-пошта или користење на лажни веб страници, обидувајќи се при тоа од корисниците да добијат доверливи лични податоци, потенцираат од Дирекцијата.
За жал, додаваат,голем е бројот на корисници кои не се запознаени со овој вид на измами, при што доколку натрапниците еднаш дојдат до доверливите податоци, тие, или сами ги користат за одредени, најчесто незаконски цели, или пак ги продаваат.
– Во пораките најчесто се повикуваат на лажни веб страни, кои според изгледот целосно одговараат на веб страните на легитимните компании (фирми). Апелираме при однесувањето на интернет, сите граѓани да постапуваат со соодветно зголемено внимание и да направат целосна проверка пред да се одлучи да се откриваат лични и други податоци, појаснуваат од Дирекцијата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.