По повод Светскиот ден на првата помош, 14 септември, Црвен крст на Град Скопје во соработка со МВР – СВР Скопје денеска ќе прави проверка на знаењето за прва помош на возачите при итни ситуации во случај на сообраќајни несреќи.
Екипите на Црвен крст на Град Скопје и општинските организации на територија на градот Скопје, Карпош, Чаир, Гази Баба, Центар и Кисела Вода на четири локации ќе ги сопираат возачите и ќе бараат од нив да демонстрираат прва помош. Доколку знаат, следува награда, а доколку не, ќе добијат информација за бесплатни курсеви преку кои можат да ги освежат своите знаеања.
Централниот настан ќе биде организиран пред Порта „Македонија“, на кој ќе се обрати и министерот за здравство Венко Филипче. На настанот ќе бидат соопштени и резултатите од кампањата што Црвениот крст ја реализира во изминатите два месеци „Твоето незнаење чини живот“.
Во истовреме на оваа локација пред Порта „Македонија“, како и пред Трговскиот центар „Бисер“, „Сити мол“, како и на раскрсницата пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, ќе се вршат проверките на знаењето на возачите за прва помош при итни ситуации во случај на сообраќајна несреќа.