Возилото што попладнево излета во реката Вардар во близина на селото Рашче е успешно извлечено од водите. Од него биле извадени телата на три лица, додека потрагата по четвртото лице сè уште трае.
Во автомобилот, според првичните информации, се наоѓале пет лица. Претходно, четиригодишно дете беше спасено од случајни минувачи, кои итно го пренеле во болницата „8-ми септември“. Откако му била пружена итна медицинска помош, детето било префрлено на детска хирургија, каде што неговата состојба е оценета како стабилна.
„Состојбата на детето е стабилна, направени се проценки и компјутерска томографија, кои се уредни. Сепак, поради природата на повредите, детето е задржано на опсервација,“ изјави д-р Лазо Јовчевски, директор на детска хирургија.
Спасувачките екипи, вклучувајќи ја и специјалната единица „Тигар“, учествуваа во акцијата за извлекување на возилото од реката. Надлежните служби ја продолжуваат потрагата по последното лице од автомобилот. Случајот предизвика големо внимание во јавноста, а истрагата за причините за несреќата е во тек.