Вознемирувачки податоци за влијанието на социјалните мрежи на децата и младите

Бројот на деца и млади луѓе кои страдаат од анксиозност во британските болници е зголемен за 42 % и тоа само во последната година. Ова се податоците на Националната здравствена служба на Велика Британија.
Експертите истакнуваат дека податоците се длабоко вознемирувачки и дека покажуваат слика за генерацијата која 24 часа во текот на денот е изложена на притисоците на социјалните мрежи, што поттикнува голема несигурност, намалување на самодовербата, загриженост за сопствениот изглед, па и насилно однесување.


Британската хуманитарна организација за заштита на децата NSPCC ја истакнува загриженоста за тоа дека децата се жртви на социјалните мрежи, меѓу кои и на светските случувања, како Брегзит, американските избори и тешката ситуација на Блискиот Исток. Според нив, во периодот 2015-2016 година, повеќе од 10 000 млади луѓе се примени во болница поради анксиозност, а меѓу нив има и деца помлади од 12 години.
Џон Камерон – директор на оваа организација посочува дека големата анксиозност кај децата и младите се јавува поради потребата „да држат чекор и да имаат совршен живот“.
Според невладината организација Young Minds децата и младите се соочени со голем број притисоци, вклучувајќи го и стресот на училиште, психичкото насилство и говорот на омраза на социјалните мрежи. Тие истакнуваат голема загриженост, бидејќи според нив, децата минуваат многу време на социјалните мрежи.
Во последните десет години, драматично е зголемен и бројот на децата и младите кои се самоповредуваат.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.