Вонредна состојба во државата: Владата, институциите, партиите, но и граѓаните пред голем предизвик

Земјава е во вонредна состојба. Прв пат од нејзиното осамостојување. Одлуката беше донесена вчера заради поефикасно справување со коронавирусот. Ја соопшти претседателот Стево Пендаровски. Рече дека ни претстојат тешки денови и дека сите, институциите, политичарите, стопанството и граѓаните, мора да бидат подеднакво одговорни, секој во својот домен.
Вонредната состојба ќе трае 30 дена. Во овој период Владата ќе продолжи да функционира како техничка и ќе има зголемени надлежности. Ќе може да ги користи сите ресурси, и државни и приватни, за поуспешно справување со епидемијата.


– Фактот што првпат од нашата независност прогласуваме вонредна состојба, укажува колку е сложена ситуацијата во земјата. Владата ќе продолжи да функционира како техничка, а тоа е можност да покажеме на дело дека кога станува збор за ваква опасност, без преседан, сите политички партии можат да работат заедно за заштита на здравјето на луѓето без да се грижат за својот политички рејтинг. Очекувам Владата, која во наредниот период ќе ја има најголемата одговорност, да биде навистина на ниво на задачата и на искушенијата кои ги носи актуелниот политички и историски момент. Но, и грѓаните треба да бидат дисциплинирани и одговорни, да не излегуваат од дома без позначајна потреба, да ги следат информациите од надлежните и доследно да ги почитуваат препораките. Политичарите, пак, треба да ги остават на страна сите дебати, анализи и калкулации за добивање гласови или пратенички мандати зашто тие се безвредни во однос на најскапоценото: заштитата на животот на нашите луѓе, порача претседателот Стево Пендаровски во синоќешното вонредно обраќање.
Пред истекот на 30-те дена, Пендаровски очекува Владата да му поднесе детален извештај за ефектите од преземените мерки и образложен предлог за потребата од евентуално продолжување на вонредната состојба за дополнителни 30 денови.


-Во вонредна состојба Владата ќе може да носи уредби со законска сила, со цел, да воведе поголеми ограничувања во движењето на луѓето и особено да обезбеди поголеми средства за поддршка на економијата која влегува во исклучително кризен период. Епидемијата значително ги оптовари ресурсите на државата и веќе во овој момент, штетите за фирмите кои не работат се огромни. Тука Владата мора да понуди значителна помош и поддршка, напомена претседателот.
Во врска со изборите, рече дека ќе мора да бидат одложени, а ќе се закажат дури кога за тоа ќе се создаде прилика.
Уште еднаш упати апел и до граѓаните – да не излегуваат од дома без позначајна потреба, да ги следат информациите од надлежните и доследно да ги почитуваат препораките. На оние што претсојуваат надвор од државата Пендаровски им порача дека е најпаметно да останат во земјата во која моменто се наоѓаат додека трае оваа состојба, согласно препораките на СЗО. Ако сепак решат да се вратат дома, добредојдени се, но треба, како што нагласи, да знаат дека мора да ги почитуваат сите пропишани мерки, а тоа значи и можноста да бидат сместени во карантин.
– Апелирам до сите граѓани на нашата заедничка и единствена татковина, да бидеме смирени, одговорни и солидарни еден кон друг. Ако си помагаме и ако се држиме заедно, сигурно ќе ја пребродиме и оваа тешка ситуација како многупати досега во нашата историја, подвлече претседателот.
Барање за воведување вонредна состојба побара Владата, а со таков став претходно излегоа и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Предлогот на Владата за воведување вонредна состојба го соопшти и образложи премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција. Потоа, беше доставен до претседателот на Собранието, Талат Џафери кој го проследи до Пендаровски.
-Владата упати барање до Собранието кое, според Уставот е прво надлежно за прогласување вонредна состојба, но, претседателот на Собранието веднаш го препрати тој акт до мене, тврдејќи дека не може да го свика Собранието да расправа за тоа прашање. Мојата одлука се базира врз членот 125 од нашиот Устав, кој пропишува ваква можност доколку Собранието, од различни причини, не може да се состане, објасни вчера Пендаровски, откако ја информира македонската јавност дека ја потпишал Одлуката.
Додаде и дека Собранието ќе ја потврди Одлуката за воведувањето вонредна состојба во оној момент кога ќе биде во можност да се состане.
Според премиерот Спасовски, вонредната состојба подразбира дека институциите ќе бидат ригорозни, ќе вршат интензивни контроли за да го заштитат здравјето на граѓаните. Полицијата и инспекциските служби ќе бидат максимално ангажирани. За секој што не ги почитува препораките и потпишаните изјави за самоизолација, ќе има сериозни санкции, не само парични, туку и затворски.
Спасовски информира дека денеска ќе бидат донесени првите владини одлуки за рестриктивни мерки, но тоа не значи дека животот нема да тече нормално и дека сите граѓани треба да се упатат во маркети и да купуваат залихи.
Ограничување на движењето на граѓаните, ограничување на собирите повеќе од сега, како и ограничување за извшување некои активности или работа, се дел од мерките што се очекува да бидат донесени.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.