Воспитувачка и негувателка од две градинки во Штип позитивни на КОВИД-19, 24 деца во изолација

Во штипските градинки „Астибо“ и „Вера Циривири-Трена“ регистрирани се првите позитивни случаи на коронавирусот меѓу вработени.
Станува збор по еден случај во двете градинки. Директорката на градинката „Астибо“-Штип, Билјана Трајчевска  ја потврдува информацијата и вели дека станува збор за воспитувачка, која по појавените симптоми на нејзиниот сопруг минатиот петок, побарале да се тестираат во приватна клиника. Вчера се тестирале, а резултатите пристигнале синоќа, по што епидемиолозите веднаш во изолација ја ставиле нејзината колешка негувателка и 12 деца од групата.


– Станува збор за централниот објект. Вработената нема симптоми, сите работат според протоколите со маски и не се контактира со останатите групи и затоа ова не повлекува и други вработени или деца да се стават во изолација, вели Трајчевска.
Директорката на градинката „Вера Циривири-Трена“, Софка Атанасова вели дека кај нив е регистриран позитивен случај кај негувателка во објектот „Росица“ во населбата Ново Село. Резултатите се добиени утринава, а нејзината колешка воспитувачка и 12 деца од групата од утре ќе бидат ставени во изолација.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.