Претседателите на САД Доналд Трамп, Володимир Зеленски од Украина, Емануел Макрон од Франција и британскиот премиер Кир Стармер имаа „позитивна“ размена на мислења за Украина, на маргините на последното испраќање на папата Франциск, соопшти Елисејската палата.
-Потврдувам дека имаше размена на мислења меѓу претседателот и Трамп, Зеленски и Стармер, што беше позитивно – рече советникот на Елисејската палата.
Дека средбата била „многу продуктивна“ изјави и претставник на Белата куќа.
-Претседателот Трамп и претседателот Зеленски се сретнаа денеска приватно и имаа многу продуктивна дискусија. Ќе следат повеќе детали за средбата“, рече Стивен Чеунг, директор за комуникации во Белата куќа.
Шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, во објава на социјалните мрежи рече дека состанокот бил „конструктивен“ .
Иако од околината на украинскиот претседател беше најавено дека Трамп и Зеленски би можеле уште еднаш да се сретнат по завршувањето на испраќањето на папата Франциско, агенциите јавуваат дека Трамп го напуштил Рим.
Претходно, украинската и американската страна објавија дека Зеленски и Трамп се сретнале, седнати на две столчиња во базиликата Свети Петар, без советници околу нив, а Белата куќа објави дека разговорот бил „многу продуктивен“.
Средбата се случи во критичен момент за преговори за ставање крај на конфликтот меѓу Украина и Русија.
Трамп, кој вршеше притисок врз двете страни да се согласат на прекин на огнот, во петокот рече дека разговорите меѓу неговиот пратеник и руското раководство биле продуктивни и повика на средба на високо ниво меѓу Киев и Москва за финализирање на договорот.
Трамп претходно ги предупреди двете страни дека неговата администрација ќе се откаже од напорите за постигнување мир доколку завојуваните нации наскоро не се согласат на договор. Состанокот во Рим ја означува првата средба лице в лице меѓу Трамп и Зеленски по нивната расправија во Овалната соба во февруари.