Општина Дебар предупреди на појавата на кражба и уништување на сообраќајните знаци, како и на несовесност при фрлање отпад. Оттаму велат дека случаите ќе бидат пријавени до надлежните органи за преземање соодветни мерки.
Зачестена е појавата на уништување и кражба на сообраќајни знаци во градот. Случаите ќе бидат пријавени до надлежните органи за преземање соодветни мерки. Да се надеваме дека сторителите ќе бидат пронајдени и ќе ја добијат заслужената казна, стои во објавата на општината.
Упатуваат апел на свесност кај граѓаните и заштита на општествениот имот.
Општинскиот инспектор ќе ја пријави оваа појава до надлежните органи за да ги преземат соодветните законски мерки, но најдобра превентивна мерка е високата совесност на граѓаните во однос на зачувувањето на општествениот имот. СТОП на уништувањето, посочува Општина.
Локалната власт на Дебар предупредува на уште една негативна појава, односно „фрлање секаков отпад каде ќе се стигне“.
Во и до градскиот парк, кого со големо внимание и труд гo уредивме, се фрла постелнина, јоргани и душеци и друг отпад. Каде ни е совесноста?, прашуваат од општината.
Во Дебар диви депонии може да се видат насекаде, не само во градот туку и населените места, како и по долината на Радика и брегот на Дебарско Езеро.