Храната за бебиња од брендот „Хип“ во која австриските власти пронајдоа траги од отров за стаорци не е увезена во земјава, тврди Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од АХВ денеска информираа дека немаат добиено нотификација преку Системот за брзо известување за небезбедни производи на Европската унија (RASSF) дека на македонскиот пазар е пласиран небезбеден производ храна за бебиња од брендот „Хип“ ( 190-грамско пакување во стаклена тегличка со вкус на морков и компир) кој е предмет на повлекување и истрага во Австрија и неколку европски земји.
– Агенцијата ја следи состојбата и доколку се јави потреба навремено ќе реагира. Дополнително, од страна на операторот со храна, овластен дистрибутер на производите на ‘Хип’ за Македонија, Агенцијата доби писмено известување дека во земјава воопшто нема увезено од спорниот производ, односно истиот не е пласиран на македонскиот пазар, велат од АХВ.


