Во Куманово втор ден целосен карантин- улиците празни, граѓаните се храбрат на социјалните мрежи

Куманово втор ден од викенд карантинот. Тивко е, улиците се празни. Граѓаните се повлекоа во домовите од петокот кога Владата донесе одлука да се воведе забрана за движење во градот.Забраната се однесува за периодот од петок од 21:00 часот се до понеделник до пет часот. На улиците кружат само автомобили на полицијата и на здравствениот дом, а на плоштадот има само новинарски екипи кои известуваат за ситуацијата. Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници.
Општинскиот кризен штаб, вчера информираше дека согласно препораките на Владата и информацијата од МВР сите граѓани кои имаат потреба за итни излегувања од дома за време на полициски час (потреба од медицинска услуга, работно ангажирање и друго) треба да го најават своето излегување на телефонскиот број 192.


Општината, вчера објави и листа на дежурни аптеки и на неколку маркети со телефонски броеви.
Според објавата дежурни аптеки во градот со работно време од 08:00 до 15:00 часот, се: ПЗУ Аптека Еурофарм број.1, Плоштад Нова Југославија бр.2 (стара градска аптека) , 071/291-851, ПЗУ Аптека Про Виталис, улица. „11 Октомври“ број.45, 072/227-077 и 031/415-303, ПЗУ Аптека Куманово 2, улица „Христијан Тодоровски Карпош“ 35 (аптека Зегин кај пазарот зад Лукоил), 075/918-659
Владата го задолжи Општинскиот кризен штаб на Куманово да определи економски оператор/и – маркет/и од каде ќе се обезбедуваат само најнеопходните намирници, согласно приоритетните барања на граѓаните за време на забраната за движење на подрачјето на Куманово во деновите сабота и недела.
Претходно и општинскиот кризен штаб побара да се овозможи дистрибуција на храна до купувачите на домашните адреси.
Во текот на вчерашниот ден неколку маркети се пријавиле за оваа услуга, а Општината и ги повика останатите да ја контактираат за да се координираат за оваа акција. На листата што ја објави општина Куманово се маркетите, Ацидо Ком маркети 078311077 и 078352669, Ќошар ДООЕЛ Куманово 078258607 и 078258708, Елида 031419521, Јахи Маркет ДООЕЛ с.Черкези 070467311, ДТГМУ Тинекс-МТ ДООЕЛ Скопје 071340742, 071340963, 070358500, 072256100, 071285386, 070299507.
Ниту за време на полицискиот час не се заборавени социјално ранливите категории граѓани. Со поддршка на бројни компании од Куманово и од Скопје, вчера тимовите на општинскиот кризен штаб и на општинската организација на Црвениот крст почнаа со дистрибуција на пакети со прехранбени производи и пијалоци, средства за лична заштита, хигиена и дезинфекција. Донациите од општествено-одговорните компании ги обезбеди локалниот социо-економски совет.
Најзагрозени социјални случаи за асистенција при набавка на неопходни продукти, можат да се јавуваат на телефонските броеви : 075 207 126 и 077 71 94 94, повикаа вчера од општинскиот кризен штаб.


Во Куманово, според последните податоци на Министерството за здравство (сабота) има осум новозаболени лица од коронавирус. Во петокот имаше регистрирано 85 лица од кои единаесет се здравствени работници.
Владата на седница заклучи сите вработени во здравствениот систем кои се од Куманово, а работат во други градови во државата, да се стават на располагање на болницата во Куманово.
Ќе се определат инфектолози од другите градови во регионот, Крива Паланка и Кратово, кои ќе бидат повлечени за да работат во Центарот за јавно здравје во Куманово.
Здравствениот персонал што ќе биде ангажиран како дополнителен, ќе работи најмногу 14 дена, а потоа ќе биде заменет со нов тим според систем на ротација.
Според одлуката на Владата од 34-тата седница во работните денови, од понеделник до петок, забраната важи секој ден во периодот од 16:00 до 05:00 часот. Владата, напиша вчера на социјалните мрежи, техничкиот премиер Оливер Спасовски ги задолжува сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица кои работат во овие институции и фирми, а кои живеат на подрачјето на општина Куманово, да завршат со своите работни задачи и активности и да бидат ослободени за враќање во своите домови во периодот од 14.30 часот до 15.00 часот, со цел пред почетокот на забраната за движење на подрачјето на општина Куманово, односно пред 16.00 часот да можат да бидат во своите домови.
И додека трае вториот ден од карантинот жителите на најголемата општина во државата со над 100.000 жители на социјалните мрежи се храбат, Куманово е херојски град, сме поминале многу битки, ќе ја добиеме и оваа.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.