Во секторот недвижности лани за првпат се свртеле над милијарда евра. Податоците од Агенцијата за катастар за 2024 година покажуваат дека биле извршени вкупно 22.548 трансакции, а нивната вредност изнесува 1.006.685.832 евра, пишува Блумберг Адриа.
Близу половина од вредноста на купопродажбите или над 490 милиони евра отпаѓа на становите, а во текот на 2024 година биле купени 8.018 стана. Во однос на 2023 година биле продадени 500 стана повеќе, но нивната вредност била поголема за 60 милиони евра.
Во податоците што „Блумберг Адрија“ ги побара од катастарот нема детали за тоа во кои општини се продавале најскапите станови, ниту пак е наведена просечната цена на квадратен метар во земјава. Ваквите податоци порано се објавуваа во рамките регистарот за цени и закупи, кој не е ажуриран од третиот квартал во 2020 година. Сегашното раководство на катастарот не ги знае причините зошто процесот прекинал, но вели дека ќе го врати во живот од следниот месец.
Трендот на раст на цените на недвижностите во земјава почна да забрзува во 2021 година. Рекордните нивоа беа достигнати во текот на инфлациската 2022 година. Во 2023 година пазарот се стабилизира, а на крајот на 2024 година Народната банка повторно измери двоцифрен квартален раст на цените на недвижностите.

©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.