Во манастирот „Свети Јован Претеча“ во Слепче ќе биде поставен кивотот (ковчегот) со светите мошти на Свети Кипријан

Денеска, на ден Велики Четврток, освен за обичаите кои се дел од празнувањето на нашиот народ, би било полезно, да се потсетиме и на мачеништвото на Свети Кипријан Слепченски, кого Арнаутските разбојници го спалиле токму на Велики Четврток во 1780 год. во манастирот „Свети Јован Претеча“ во демирхисарско Слепче.
Храбриот игумен Кипријан, кој и покрај свирепото мачење, во ниту еден момент не отстапил од доверената му обител, по тридневно страдање, се упокоил на Велигден 30-ти април – датум на кој секоја година МПЦ-ОА го празнува неговиот спомен.
Во 2017 година, како дел од програмата за одбележување на 50-годишнината од обновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква, Свети Кипријан Слепченски и официјално беше прогласен за Светител.
Оттогаш, секоја година на 30-ти април, манастирот „Свети Јован Претеча“ во демирхисарско Слепче, на едно место го собира верниот народ, монаштвото и свештенството од земјава и регионот, како и претставници на науката, академијата, културата и воопшто љубители на словото и уметноста кои се вклучени во богатата празнична програма.
Овогодинешната програма за прослава на Свети Кипријан Слепченски ќе започне на 29-ти април (понеделник) со вечерна богослужба во 16 часот на која учество ќе земат свештени лица и верници од цела Македонија, а на 30-ти април, се очекува во Слепче да пристигнат делегации на монаштво и свештенство од сите манастири во нашата земја.
На утрената богослужба во манастирот, за прв пат ќе биде поставен кивотот (ковчегот) со светите мошти на Свети Кипријан, кои засекогаш ќе останат изложени во храмот. Исто така, ќе бидат истакнати и бајраците кои се специјално иконопишани за големата литија со која ќе биде заокружен богослужбениот дел од програмата, а кон која ќе се придружат и повеќе мешани хорови од земјава.
Во рамките на програмата, пред храмот е предвиден и рецитал за кој свое присуство најавија многу поддржувачи на науката, црквата, академијата, културата и воопшто љубители на словото и уметноста.
Рециталот ќе се изведува во шест етапи со наратор, со изведувачи од Македонската филхармонија како и странски изведувачи од филхармониите на Берлин и Виена, а учество ќе земат и уметници од Битолскиот и Прилепскиот театар, како и м-р протопсалт од Софиската и Македонската генеза на неумско пеење.
Како заокружување на прославата ќе се служи трпеза на љубовта на три места во манастирскиот комплекс.
Од се’ срце Ве покануваме да бидете дел од прославата на Св. Кипријан и Ве замолуваме да ја известите Вашата публика за овој значаен православен настан.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.