СДСМ и коалицијата ќе имаат повеќе пратеници на изборите од ВМРО-ДПМНЕ. И следниот мандатар на 9 мај на денот на победата над фашизмот повторно ќе бидам јас и ќе ја формираме проевропската влада со која во 2030 година ќе влеземе во Европската Унија, рече претседателот на СДСМ
Јас сум економист и можам да зборувам за економија, некој може да зборува за балет ако е балетан. Бурек економија во современата економска наука не постои. Во времето кога советник во Владата беше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, минималната плата беше 8 илјади денари и беа потребни 4,5 минимални плати за една потрошувачка кошничка. Сега се потребни две минимални плати за една потрошувачка кошничка. Ова вечерва го рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во гостување на Дневникот на ТВ Сител, зборувајќи за остварените економските политики на власта во изминатите години, како и за зголемувањето на минималната плата, споредувајќи ја со периодот кога на власт било ВМРО-ДПМНЕ.
Истовремено, коментирајќи ги изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој пред два дена рече дека реалноста во земјата е друга од таа што ја зборува СДСМ, зашто цената за четвртина бурек со јогур пред неколку година била 50 денари, а сега истото чини 120 денари, Ковачевски направи математика колку бурек може да се купи со минимална плата сега, а колку во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Или ако во бурек сакате да пресметате, во тоа време со една минимална плата можело да се купат 170 четвртини бурек, денес може да се купат 270 четвртини бурек. И тоа добар бурек во Куманово“,
рече тој.
На прашањето за колкав број на пратеници ќе добие СДСМ, тој рече дека СДСМ и коалицијата ќе имаат повеќе пратеници на изборите од ВМРО-ДПМНЕ.
„И следниот мандатар на 9 мај на денот на победата над фашизмот повторно ќе бидам јас и ќе ја формираме проевропската влада со која во 2030 година ќе влеземе во Европската Унија“,
рече Ковачевски.
На прашањето како ќе соочат со условувањето од албанските партии шеф на државата да се бира во Собранието доколку тоа биде услов да се формира Влада, Ковачевски вели дека нивниот став по тоа прашање е јасен и тоа е старо барање уште од 2019 година на една од политичките партии во албанскиот блок.
„Ние тоа не сме го одбиле само врз основа на една реченица, како што го направиле други политички партии, туку сме го одбиле и тогаш и сега врз основа на аргументи. Кај нас претседател на државата се избира според модел кој обезбедува искажување на јасно мислење на сите етнички заедници во државата, на сите граѓани без разлика на нивната припадност по било кој основ и на сите политички партии кои учествуваат во изборниот процес. Ние не треба да се враќаме чекор назад во демократските односи, туку треба да одиме чекор напред во демократските процеси“.
вели тој.
Дали овој нивен став ќе предивика бојкот на вториот круг од претседателските избори, Ковачевски вели дека Република Северна Македонија на 8 мај ќе избере претседател на државата, а дека секоја политичка партија одлучува што ќе прави на денот на изборите.
„Имало политички партии кои го бојкотираа нашето влегување во НАТО, ние станавме земја членка на НАТО. Има политички партии кои упорно го стопираат зачленувањето на Европската Унија, ние ќе станеме земја членка на ЕУ. На 8 мај Република С Македонија ќе избере претседател на државата. Впрочем, ние обезбедивме независност на државата на референдум, на кој не учествуваа сите граѓани, но тој беше успешен и државата стана независна Република Македонија“,
рече Ковачевски.