Во петок одлука за ребаланс на Буџетот

Денес премиерот Зоран Заев најави дека во петок ќе има состанок во Министерството за финансии на кој дефинитивно ќе биде утврдено дали ќе има ребаланс на Буџетот или не и ако се прави кога ќе биде тоа.
„Од она што значи следење на Буџетот од моја страна сметам дека нема потреба од ребаланс, но својот став и аргументи треба да го каже и Министерството за финансии. Ние немаме некои потреби што треба да ги реализираме, а не се проектирани во Буџетот“, рече Заев во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Сепак, додаде, јас сакам да разговарам малку подлабоко со Министерството за финансии за сето она што може да биде рационално искористено, а гледаме дека нема да се искористи да се алоцира онаму каде што може максимално да се искористи.
Нагласи дека останува на проекцијата за раст на БДП од 3,2 насто и додаде дека очекува да се зголеми реализацијата кај капиталните инвестиции.
„Од оние 400 милиони евра кои се капитални инвестиции во Буџетот само еден дел се трансфери за гасификација, железница и патишта. Капиталните инвестиции патишта, железници и инфраструктура се надвор од реализацијата на капиталните инвестиции и само 200 милиони евра се буџетски средства во реализацијата. Синтетички и аналитички гледано внатре за мене постои можност во огромен процент целото тоа да се рализира“, посочи Заев.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.