Ресторан во Шведска ќе го крене концептот на социјално дистанцирање на сосема ново ниво така што ќе служи само еден гостин на ден и тоа среде поле. Соодветно наречен „Маса за еден“, тој ќе се отвори на 10 мај и ќе работи до 1 август.
Зад овој уникатен концепт стојат Расмус Персон и Линда Карлсон. Лоциран во Вермланд, 350 километри од Стокхолм, ресторанот ќе има само една маса и едно столче, а гостинот ќе ја добие нарачката во корпа за пикник, која преку јаже ќе доаѓа директно од кујната.
„Сакаме да се сконцентрираме на само еден гостин додека го подготвуваме јадењето. Ова ќе биде единствениот ресторан безбеден од КОВИД-19 на светот. Садовите ќе се перат двапати, а масата редовно ќе се дезинфицира“, вели Карлсон.
Секој оброк ќе се состои од три дела и ќе ги подготвува Персон, а за пијалаците ќе биде задолжен Јоел Седербек, кој држи некои од најугледните барови во Шведска.
„Цената на менито ќе ја одредува гостинот. Сакаме да ги охрабриме луѓето да седнат и да поминат квалитетно време со самите себеси“, вели Карлсон.