Во една мостра замрзнати јагоди по потекло од Србија и во производот „зеолит”, што се продава како додаток за исхрана, е утврдено зголемено присуство на олово, покажуваат лабораториските тестирања спроведени минатата година.
Како што соопшти АХВ, небезбедните јагоди се уништени во депонијата Дрисла.
Лани биле земени и лабораториски испитани 954 мостри од храна и материјали што доаѓаат во контакт со храната. За утврдување присуство на тешки метали, лабораториски биле тестирани 66 мостри, од кои четири биле позитивни. Од нив, од мострите земени во велешкиот регион, позитивни на кадмиум биле една мостра од марула, две мостри од спанаќ, од кои едната била позитивна и на кадмиум и на олово. Присуство на олово детектирана е и во една лабораториски тестирана мостра што била земена од струмичкиот регион.
Согласно Програмата за мониторинг на безбедност на храната, со подпрограмата за мониторинг за определување на присуство на тешки метали и нитрати во одредени прехранбени производи, лабораториски се испитани 19 мостри на храна за присуство на точно определени тешки метали во определени региони каде има загадување или каде почвата е природно содржи тешки метали. Во ниту една од лабораториски испитаните мостри не е добиена ниту една позитивна мостра.
Со редовните инспекциски контроли во 2017 година, со извршените лабораториски тестирања, добиени се седум позитивни мостри кај кои е утврдено зголемено присуство на тешки метали (олово). Станува збор за „зеолит”, како додаток за исхрана. Од храната која се увезува во Македонија во 2017 година со извршените лабораториски тестирања не е утврдено присуство на тешки метали.
Покрај редовните инспекциски контроли, согласно препораките на Европската Унија за мониторирање на штетните агенси во храната, а со цел производство, промет и пуштање на безбедна храна на пазарот и заштита на потрошувачите, Агенцијата за храна и ветеринарство од 2012 година ја спроведува Програмата за мониторинг на безбедноста на храната која е усогласена со европските програми за мониторинг и препораките на Светската здравствена организација. Во реализација на Мониторинг програмата вклучени се инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство. Мострите се земаат во определен временски период, од определен вид и количина на храна.
Програмата за мониторинг на безбедност на храната за 2017 годинa e успешно реализирана со земање на 857 мостри храна, што се лабораториски испитани. Добиени се 34 резултати со небезбедни лабораториски наоди, од кои три небезбедни наоди за резидуи од пестициди во храната (зеленчук и овошје), 24 небезбедни наоди на нитрати, еден небезбеден наод за тешки метали и шест небезбедни наоди на материјали што доаѓаат во контакт со храна.
Во 2017 година 66 мостри се лабораториски испитани за утврдување на присуство на тешки метали и тоа во трпезно и винско грозје, компир, спанаќ и во марула, од Велешко, Неготинско и Кавадаречко. Компир е земен од Берово, Кратово и Крива Паланка. Од испитаните, добиена е само позитивна мостра – спанаќ земен од велешкиот регион кај која е утврдена дека е позитивна на кадмиум. Истата година, Агенцијата ја реализира и подпрограмата за мониторирање, со определување присуство на точно определени тешки метали во определени региони чија почва поради природна застапеност или поради загадување е оптоварена тешки метали. Испитувањето е спроведено на одредени видови храна.
Овој мониторинг е планиран согласно истражувањата за присуство на тешки метали во почвата, врз основа на користена литература за направеното истражување на загаденоста на почвите со тешки метали во Република Македонија од Природно математички факултет – Катедра за хемија. Овие тешки метали не се предвидени со Правилникот за контаминенти во храната, но определување на нивното присуство на точно определени производи во овие региони се од национален интерес за заштита на здравјето на населението во Република Македонија.
Земени и лабораториски се испитани 24 мостри во рамки на оваа подпрограма при што не е добиена ниту една позитивна мостра. Испитувани се кромид од Велес и неговата околина, грозје од Кавадарци и неговата околина, трпезно грозје од Велешко, пиперки од Тетовскиот регион и винско грозје од Радовишко.