Вработените во филијалите и експозитурите на Комерцијална банка денеска ги пречекаа клиентите со нов изглед. Со новите, модерни и удобни униформи, кои ги пресликуваат постоечките вредности и идентитетот на Банката, тие ја продолжуваат својата секојдневна мисија – да одговорат на потребите на клиентите со понуда на врвни финансиски производи и услуги..
Тимовите во експозитурите на Комерцијална банка се еден од клучните носители на целокупното работење на Банката, на нејзините корпоративни вредности и на нејзината посветеност на потребите на клиентите. Оттука и произлезе идејата за нова службена облека, во која вработените ќе се чувствуваат удобно и задоволно, а клиентите повторно ќе ги препознаат модерните трендови што ги следи Комерцијална банка.
Новите униформи се целосно македонски производ, дизајнирани од модната дизајнерка Тања Кокев и шиени во конфекцијата „Кули“ од Прилеп. Оваа соработка беше плод на нашата определба да дадеме дополнителна и значајна поддршка на домашната економија и на истакнатиот професионализам и подготвеност на „Кокев“ и „Кули“ да создадат производ кој ќе ја продолжи приказната на брендот Комерцијална банка.
„Како банка која дава огромна и постојана поддршка на домашната економија, навистина немавме дилема дека униформите треба да бидат домашно производство. Со новата работна облека првенствено сакавме вработените на своите работни места да бидат задоволни и да се чувствуваат удобно. Веруваме дека и клиентите ќе го доживеат новиот стил на нашите вработени како уште еден чекор од постојаната модернизација, во која фокусот на Комерцијална банка е насочен пред сѐ на понудата на современи и ефикасни финансиски производи и услуги“, вели Билјана Максимовска-Поповиќ, Главен директор за корпоративно банкарство и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
Дизајнерката Тања Кокев истакнува дека новиот лик на службениците на Комерцијална банка има за цел да креира препознатлив и модерен изглед, соодветен на нивниот однос и начин на работење со клиентите.
„Сакав да ги задоволам потребите и очекувањата на вработените да имаат удобна, практична и пријатна облека за носење. Но, не сакав ни да го изгубам фокусот од тоа облеката да ги одразува вредностите и идентитетот на Банката и нејзината определба да ги следи најновите трендови во нејзината дејност. Верувам дека успеав да постигнам синергија, а резултатот е нова и модерна приказна која ќе ја раскажуваат службениците на Комерцијална банка во своето професионално секојдневие“, изјави Кокев.
Новата службена облека за вработените во Комерцијална банка значи уште поголема поврзаност во нашиот КБ тим, со кој се гордееме и со кој полесно и заедно создаваме значајни и иновативни продукти за сите наши клиенти.
КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА