Вработените од најпогодените сектори не ќе имаат од што да враќаат кредити

Дел од граѓаните кои ги одложија плаќањата на кредитните рати за 6 месеци, заклучно со септемри, имаат проблем да продолжат со нормалната отплата. Тоа со претпоставка од „голема веројатност“ го укажува Народната банка. Проблеми, можеби и поизразити, се очекуваат и за втората поосетлива група на граѓени која има замрнати рати до крајот на март.
„Многу е веројатно дека негативните ефекти од пандемијата се одразиле врз кредитоспособноста на клиентите, пред сѐ на оние со нестабилни/неизвесни месечни примања, како и на оние чиј доход е поврзан со дејностите кај кои најмногу се одразија негативните ефекти од здравствената криза. Кај кредитите чиј грејс-период истекол на крајот на септември, остварувањето на кредитниот ризик може да се очекува веќе до крајот на годината (2020-та н.з), со оглед на правилото за преминување во нефункционален статус при доцнење над 90 дена“, пишува во Извештајот на НБРМ, за ризиците во банкарскиот систем за третиот картал од 2020 година.
Во однос на оние кои не го користеле одложувањата, немало некакво поголемо доцнење над 90 дена, па поголем дел од банките се откажале од временото олеснување на критериумите за стекнување нефункционален статус (праг од 150 дена, наместо вообичаените 90 дена доцнење во отплатата).


„Износот на редовните кредити, каде доцнењето во наплатата се движи меѓу 90 и 150 дена, не е значителен и повеќето банки одлучија уште во октомври, еднократно, да им доделат третман на нефункционални и соодветно да ги признаат очекуваните кредитни загуби, наместо да применат постепена месечна динамика (во периодот до 31.12.2020 година), како што им дозволуваа измените во регулативата. Притоа, стапката на нефункционални кредити, на крајот на октомври, беше речиси непроменета“, пишува во Извештајот.
За оние, пак, кои го го користеа и по втор пат одложувањето на плаќањето на кредити, од октомри, заклучно со март, способноста за враќањето на ратите ќе биде позната во втората половина на 2021 годин, кога официјално ќе се објави сосотојбата со нефункционалните кредити. Второто одложување на кредитите, се однесуваше на таргетирана група – на клиенти кои останаа без работа, имаа намалени примања, високи трошоци за лекување и слично. Во најголем дел, банките објавија дека одобруваат дополнителен грејс период на отплата на месечните ануитети од 6 месеци, почнувајќи од октомври 2020 година, а заклучно со март годинава, во кој ќе се пресметува и наплатува камата. Одобрен грејс период од 6 месеци, во кој ќе пресметува и наплатува камата и редовни месечни надоместоци, имаше и за кредитните картички. На пример Охридска банка објави дека почнувајќи од 1 октомври лани до 31 март годинава, во задолжителниот процент од 5 отсто за плаќање, ќе достасува единствено каматата по основ на обврските за кредитни картички и ќе продолжи да се наплатува месечно, а секоја уплата на главница во текот на наведениот период ќе се намалува долгот по кредитниот лимит на картичката. Стопанска банка, пак од декември лани до мај годинава, го намали минималниот износ за уплата на кредитните картички од 3 на 1,5 отсто, како дополнително олеснување з аклиентите во коронакризата.


Првата понуда, за одложено плаќање на кредитите, ја одбиле една третина од граѓаните, но и дел од оние што првично ја прифатиле, потоа се вратиле на редовната отплата. Проценките покажаа дека 20 до 30 проценти од граѓаните што ја искористија можноста за одложување на плаќање на ратите на кредитите во првиот период (од април до крајот на септември), побарале да го искористат и второто одложување.
Во третиот квартал од 2020 година нефункционалните кредити се намалија за 26,9 отсто, но како што забележа Народната банка тоа во „голема мера се објаснува и со излезот на една банка од банкарскиот систем“, а како што е познато станува збор за Еуростандард банка. Притоа, падот на нефункционалните кредити беше многу позастапен кај корпоративните кредити (-31,2 отсто), а кај кредитите на домаќинствата (-14,1 отсто).

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.