Со овие природни состојки, вашата облека повторно ќе го добие белиот сјај, без употреба на хемикалија или агресивни белила.
1. Сонце
Прескокнете ги белилата и оставете ја пожолтената облека да се суши на јако сонце. Сонцето ќе ја избледи жолтата боја исто како што и белилото, без да ја оштети ткаенината.
2. Сок од лимон
Лимонот за многу брзо време ќе го врати сјајот на пожолтената облека. Помешајте 120 милилитри лимонов сок и 1 литар врела вода. Во оваа смеса ставете ја пожолтената облека и оставете ја да отстои минимум еден час, а најдобро е да ја оставите преку ноќ.
Откако ќе отстои, извадете ја облеката и исперете ја во машина за перење.
Исто така, лимонот е ефикасен при отстранување на дамки од облеката. Испрскајте го нечистото место и оставете да делува 30 минути. Потоа, истријте ја и исперете ја облеката. Флеката ќе исчезне.
3. Оцет
Оцетот има голема примена за облеката. Тој има голем број придобивки, од избелување до отстранување на тврдокорните дамки од дезодоранс.
За избелување, измешајте 60 милилитри лимонов сок и 120 милилитри оцет. Овој микс е одлична алтернатива за избелување. Додавајте го во машината за перење сè додека пожолтената облека се пере.
4. Сода бикарбона
Сода бикарбоната е исто така одлична при отстранување жолти дамки од облеката. Доволно е само 1 лажичка сода бикарбона за вашата облека да се избели. Освен избелувањето, содата ќе ѝ даде и одличен мирис на вашата облека.