Иако пролетта сè уште не е официјално започната, потоплото време е совршено за да се организирате и темелно да го чистите вашиот дом.
Темелното чистење никогаш не е лесно, но со овие совети тоа може да не биде толку заморно како и обично.
Време е за пролетно чистење на домот: Со овие совети, тоа ќе биде многу лесна задача!
Не правете го тоа сами
Темелното чистење е голема работа, и освен ако не живеете сами, нема причина да не ги вклучите и другите членови од семејството во „забавата“. Ако имате мали деца, може да им дадете барем едноставни задачи, како што се: собирањето играчки во нивната соба или бришење прашина на местата каде што нема предмети кои може да ги скршат. Поголемите деца може активно да учествуваат во апсолутно сите активности. Сите соби ќе бидат исчистени многу побрзо и полесно преку тимска работа.
Работете попаметно, а не понапорно
Во иднина, водете се од правилото дека најпаметното нешто што треба да направите е тековно да ги раскренувате предметите, па тие нема да се натрупаат. Сите членови редовно нека си ги средуваат собите, за да не мора толку многу да чистите за време на „генералките“.
Што се однесува до ова чистење – оставете ја вашата опрема и прибор за чистење да завршат поголем дел од работата – сепак тоа е нивна функција. Наместо да чистите со обична крпа – избришете ја прашината со микрофибер крпа – таа ја задржува прашината внатре без употреба на хемикалии.
На кадата, мијалникот, ВЦ шолјата и плочките нанесете средство за чистење и оставете го да делува 10 -15 минути. Ова ќе го олесни чистењето на дамките. Кога ја чистите микробрановата печка, ставете сад со вода во неа и загревајте ја 3 минути. Пареата од водата ќе ги омекне дамките и загорените остатоци.
Посветете му внимание и исчистете го и вашиот фрижидер
Бидејќи во него ја чувате храната што ја јадете обратете му доволно внимание. Доближете ја корпата за отпадоци и средства за чистење веднаш до фрижидерот. Фрлете ја сета храна што во него стоела подолго време, сè што е расипано или исушено. Извадете ги сите продукти и темелно исчистете го фрижидерот, дезинфицирајте го и избришете го со сува крпа пред да ја вратите храната внатре.
Избришете ги теглите што сè уште се во добра состојба, пред да ги вратите во фрижидерот, со крпа што е испрскана со средство за дезинфекција. По фрижидерот, исчистете ги и дезинфицирајте ги и вашите кујнски ормани со храна.
Ослободете се од смрдеата од кантите за ѓубре
Темелно измијте и дезинфицирајте ги кантите за ѓубре. Оставете ги да се исушат добро, а потоа истурете малку сода бикарбона на дното пред да ставите кеса – таа ја апсорбира смрдеата.
Време е за пролетно чистење на домот: Со овие совети, тоа ќе биде многу лесна задача!
Дезинфицирајте ги сунѓерите
Ова треба да го сторите барем еднаш неделно. Постојат неколку начини да го направите тоа – можете да ги потопите во мешавина од избелувач и вода (3/4 чаша избелувач со 3 л вода). Или уште поедноставно – вметнете го во машината за миење садови кога миете садови, или потопете ги во течноста и ставете ги во микробранова печка неколку минути.
Проверете ги теписите, украсните перници и покривките
Извадете ги сите теписи што можете да ги поткренете, на вашата тераса или во дворот и добро „исчукајте ги“ и проветрувајте ги. Истото важи и за украсните перници, обичните перници и покривките.
Исперете ги сите чаршави и покривачи
Ставете ги сите ткаенини во машината за перење на најмалку 60 степени и добро исперете ги. Ако имате можност и доволно простор, изнесете го и креветот за да се проветри на воздухот. Ако не – посипете ги со малку сода бикарбона, оставете ја содата да дејствува околу половина час, а потоа поминете го креветот со правосмукалка.
Фрлете ги старите средства за хигиена
Доколку е потребно, исфрлете ги старите четки за заби (менувајте ги на секои 3 месеци), сунѓерите (кои треба да ги користите максимум два месеци), како и четките за чистење (вклучително и четката за тоалет) доколку е потребно. Фрлете ги старите испразнети шампони, купки и други средства.
Не заборавајте и на плакарите со облека и чевларниците
Ако сте решиле да посветите повеќе време на чистење, разгледајте ги и плакарите. Пред да ја замените зимската со пролетна облека и чевли – ослободете се од вишокот облека и обувки преку донирање.