Владата со приватизација ќе ги спасува Националните пошти од долговите. Ваква судбина ќе имаат и други државни загубари, кои ќе го надминуваат проблемот со натрупување на загубите во нивното работење.
Владата бара решение за државните загубари, кои со години наназад натрупуваат само долгови на нивните сметки. Први на списокот се Националните пошти за кои се понудени две опции – преземање со јавно приватно партнерство или целосна приватизација. Слична судбина ќе имаат и неколку други јавни претпријатија во државна сопственост коишто не можат да се борат со отворените пазари.
„Потребно е да имаме квалитетен поштенски сообраќај“, порача денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања на отворањето на новиот производствен капацитет на „НЈСК Холдинг“ во индустриската зона „Чојлија“.
Први на списокот за кои што ќе се бара решение се Националните пошти. Владата на синоќешната седница го утврдила новиот текст на Законот за изменување на Законот за поштенските услуги, со што најави дека се подготвува теренот за продажба на Македонска пошта. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Национални пошти, Ејуп Рустеми заедно ќе треба да изготват физибилити студија на кој начин да започне постапката за преземање на компанијата.
„Владата ги задолжи заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, министерот за економија и директорот на Национални пошти да иницираат поодготовка на физибилити студија за можностите за отпочнување на постапка за преземање на компанијата со јавно-приватно партнерство или со приватизација за да продолжи процесот на либерализација на поштенските услуги во земјата согласно регулативата на ЕУ“, се наведува во владиното соопштение.
Битка на отворен пазар
Понудени се две опции – преземање со јавно приватно партнерство или целосна приватизација.
„Јавно-приватното партнерство ќе биде една од преокупациите на Владата во делот на креирањето на економските политики за да ги максимизираме сите ефекти за економски раст“, вели Заев.
Владата најавува реформи и во други државни загубари, кои преку јавно-приватно партнерство или приватизација би го надминале проблемот со натрупување на загуби во нивното работење.
„Многу институции самите се за јавно-приватно партнерство, бидејќи не можат да се борат со отворените пазари. Такви примери има многу во Словенија, Австрија, Полска, Германија итн. Тоа е потребно за да имаме квалитетен поштенски сообраќај. Истото може да се случи со ТЕЦ Неготино, Македонски Железници, Еврокомпозит, Колска Велес. Тоа ќе биде една од преокупациите на Владата во следниот период“, изјави премиерот Заев.
Според статистичките податоци на Агенцијата за пошти во извештајот за 2018 година, бројот на вработени во поштенскиот сектор кај сите даватели на поштенски услуги изнесува 2,971 лица, од кои 2,141 се вработени во Пошта на Северна Македонија, а останатите 830 во компаниите на останатите даватели на поштенски услуги. Бројот на вработени во Пошта на Северна Македонија во 2018 година е намален во однос на претходната година за 4,6 %, додека бројот на вработени кај останатите даватели на поштенски услуги е намален за 0,7%.
Обемот на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија во 2018 година изнесувал 39,025,313 милиони поштенски пратки податок кој сметајќи на ниво на вкупниот пазар изнесува намалување од 3,87 % во споредба со 2017 година. Процентот на намалување на вкупнот обем е резултат на намалувањето на обемот кај Пошта на Северна Македонија за 7%, додека обемот кај давателите на слободниот пазар се забележува значително зголемување од 44% на вкупниот обем на поштенски пратки.
Пад на обемот на работа
Во текот на 2018 година Пошта на Северна Македонија остварила вкупен обем од 35 милиони поштенски пратки, при што може да се забележи намалување во однос на 2017 година.
Националната пошта според препораките на Европската Унија требаше да се приватизира одамна, но со години наназад се пролонгира постапката, како и целосната либерализација на поштенскиот пазар. Со последното одложување на либерализацијата направено со законски измени во Собранието пред крајот на минатата година, националната пошта во монополот ќе ужива до крајот на годинава.
Канадска пошта имаше неуспешен обид да ги преземе Македонски пошти во 2009 година
Пошта на Северна Македонија има ексклузивно право да обезбедува пратки за кореспонденција во внатрешниот поштенски сообраќај и пратки за кореспонденција кои пристигнуваат во Република Северна Македонија од меѓународен поштенски сообраќај, со тежина до 50 гр.
Во период од 2008 година до 2018 година, Агенцијата за пошти има издадено вкупно 68 лиценци за обезбедување на поштенски услуги, а до крајот на 2018 година пазарот работеле 35 даватели на поштенски услуги.
Според последниот конечен извештај на Државниот завод за ревизија, кој е за 2018 година, националната пошта искажала загуба од 10 милиони евра, од кои околу 2,7 милиони се од тековната година, а остатокот пренесени загуби од претходно.
Ова не е прв обид за продажба на Македонска пошта. Во 2009 година неславно заврши обидот за влез на Канадска пошта во Македонска пошта – ‘авантура’ којашто ја чинеше државата 208.494 канадски долари. Толку пари им беа исплатени на Канаѓаните кои беа заинтересирани да ја преземат нашата пошта. Државата и претставниците на ,,Канадска пошта” преговараа две години, но на крајот Владата се „пошишмани“.
,,Канадска пошта” понуди инвестиција од 40 милиони евра, а од тогашната Влада ја побара поштата без пари во наредните 20 години, со ветување дека Македонска пошта ќе биде регионален центар и профитабилна фирма.