Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, во изјава објавена на веб-страницата на неговото Социјалистичко движење, напиша дека како министер за полиција и директор на тајната служба -БИА, „по закон и совест направил списоци на оние кои не се добредојдени. во Србија“, додавајќи дека жали што не им се посветил повеќе, јави дописникот на МИА од Белград.
-Списоците ги направив јас, како министер за полиција и директор на БИА по закон и совест и жалам што не им се посветив повеќе, бидејќи гледам колку ѓубриња се неправедно заборавени. Александар Вучиќ не беше прашан за тоа, ниту требаше да биде прашан, се наведува во изјавата на Вулин во врска со хрватската пејачка Северина која беше задржана на граница со Србија.
Вулин кој е на црната листа на САД поради корупција и соработка со Русија, изјави дека сите освен еден од списокот молеле и барале да им се укине забраната и дека сите говореле дека има и полоши од нив, дека не мислеле на тоа што го пееле и зборувале и дека сите „плачат што забраната им ги зема пари или ги спречува во управувањето со имотот што го поседуваат во Србија“.
Вулин рече дека некои од нив молеле лично, некои преку нивните менаџери, а некои преку премиерите на нивните држави.
Тој рече и дека на списоците што лично ги составил како министер за полиција и директор на БИА и со наредба ги предал на надлежните органи „имало странски државјани кои дошле во Србија да учествуваат во насилни протести, како и нарко босови од кои се уште се плашат од Сараево до Приштина и Скопје, а во Србија им биле одземени возилата и пешки ги враќале преку граница“.
Тој додаде дека на списокот покрај мерката задолжителен притвор и зголемена контрола, вклучил и пратеници од Собранието на Црна Гора кои гласале дека Србија е геноцидна.
Српската полиција во неделата вечерта ја запре пејачката Северина Вучковиќ на граничниот премин Батровци, го пребара нејзиниот автомобил и ја спроведе на разговор во зградата на полицијата. Таа вечер требаше да пее на приватна роденденска забава во Белград. Ја испрашувале, како што наведе самата, за ископот на литиум во Србија, Сребреница, Олуја. Оваа вест ја потврди и министерот за полиција Ивица Дачиќ.