По повод трагедијата во Нови Сад, во која според досегашните информации загинаа 14 луѓе, кога се урна дел од настрешницата на пероните на Железничката станица, се огласи претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Во име на сите граѓани на нашата земја изразувам сочувство до семејствата и роднините на загинатите во несреќата во Нови Сад“, рече Вучиќ, откривајќи дека еден од загинатите е од Македонија.
– Не снајде голема трагедија. На главната Железничка станица во Нови Сад, настрешницата се урна врз голем број луѓе. Се уште не успеавме да го дознаеме идентитетот на пет лица – осуммина се државјани на Србија, еден е од Македонија. Во име на сите граѓани сакам да изразам сочувство до семејствата и роднините – рече Вучиќ.
На железничката станица во Нови Сад во 11 часот и 50 минути се урна бетонската настрешница на зградата на станицата, додека голем број луѓе стоеја под неа.
Повеќето од загинатите се млади луѓе, а медиумите јавија дека меѓу жртвите е и шестгодишно дете. Вишото јавно обвинителство во Нови Сад ја информира јавноста дека во текот на досегашната истрага од урнатините се извлечени 14 тела на починатите, од кои две женски лица се идентификувани како А.Р. (20.) и А.Ќ.С. (35) години и пет машки лица: Х.С. (27), М.М. (21), Ш.Ѓ. (77), Р.В. (69) и С.В. (45) години.