Вучиќ се сретна со Дарко Панчев во Скопје

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој од вчера е во дводневна официјална посета на Скопје, на маргините на својата агенда оствари средба со еден од најдобрите македонски фудбалери на сите времиња Дарко Панчев.
Вучиќ извести за средбата со поранешниот фудбалер на Вардар и Црвена ѕвезда на социјалните мрежи, објавувајќи заедничка фотографија на својот официјален Инстаграм профил.
– Со македонската и југословенска легенда Дарко Панчев. Чест ми е што можев да се сретнам со големиот шампион, напиша Вучиќ под заедничката фотографија со Панчев.
Поранешниот македонски и југословенски репрезентативец ја почна кариерата во Вардар, настапувајќи за својот матичен клуб од 1983 до 1988 година, од каде премина во Црвена ѕвезда.
Белградскиот клуб во сезоната 1990/91, во која Панчев стана најдобар стрелец во Европа, ги совлада екипите на Грасхоперс, Глазгов Ренџерс, Динамо Дрезден и Баерн Минхен, на патот до финалето против Олимпик Марсеј.


По 120 минути без постигнат гол на двете страни, финалето го одлучи изведувањето пенали во кое Панчев беше прецизен во петтата серија и белградскиот состав со вкупни 5:3 стана европски шампион.
Во декември истата година, шампионската генерација на Црвена ѕвезда со Панчев и Илија Најдоски во составот, стана и светски првак со победата над Коло коло од Чиле со 3:0 во Токио.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.