Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека Србија ќе се бори што подолго да истрае во политиката за да не воведе санкции кон Русија, но нагласи дека штетата што земјата ја трпи како резултат на тоа е огромна.
Вучиќ за ТВ Прва денеска изјави дека би се живеело „десет пати подобро“ доколку Белград воведе санкции кон Русија, но рече дека земјата тоа нема да го стори бидејќи води независна политика.
„Сите ќе кажат дека Вучиќ најавува воведување санкции. Не, ќе се бориме се додека можеме да ја задржиме нашата политика“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија знае „колку се неправедни санкциите“ и дека тоа го прави од почитување на правата, но додаде дека „народот треба да знае дека државата губи многу поради тоа што не воведува санкции кон Русија“.
Вучиќ изјави дека Србија во моментов нема пристап до пазарот на капитал, дека кредитите се поскапи и дека се нуди заем со каматна стапка од седум отсто, а рефинансирањето на кредитите е тешко, што на крајот ќе влијае на платите и пензиите.
Србија во Обединетите нации се приклучи кон осудата на руската агресија врз Украина и гласаше за исклучување на Русија од Советот за човекови права на ОН, но не се приклучи кон санкциите на Европската унија против Русија.
Претставниците на западните земји постојано ја повикаат Србија да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на Унијата и да воведе санкции кон Москва.
Српските власти повеќепати порачаа дека Белград нема да го поддржи воведувањето санкции кон Русија поради, како што наведоа, заштитата на виталните интереси на земјата.
Србија смета на поддршката на Русија како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации за прашањето за нејзината поранешна покраина Косово, која прогласи независност во 2008 година и која официјален Белград одбива да ја признае.
Србија, исто така, доминантно зависи од Русија во енергетската сфера, така што руските компании имаат монопол на пазарот на нафта и гас во земјата.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.