Вчера попладне пред околу 100.000 луѓе во Белград почна завршниот митинг од кампањата “Иднината на Србија“, кој го одржува српскиот претседател Александар Вучиќ. По завршувањето на работното време неговите поддржувачи се собраа пред српското Собрание, а заради масовниот собир центарот на Белград беше блокиран.
Митингот почна со емитување на видео спотот за кампањата на српскиот претседател Александар Вучиќ и со интонирање на химната. На просторот пред Собранието, според тамошните проценки, се собраа повеќе од 100.000 луѓе од кои многумина биле донесени со автобуси од внатрешноста на Србија. Од Косово стигнале околу 7.500 луѓе, од централна Србија 90.000, а од Војводина 35.000. Од Лесковац кон Белград утрото тргнале 4.500 припадници и симпатизери на партијата на Александар Вучиќ.
– Сѐ може, ултиматуми и насилство не може, изјави меѓу другото српскиот претседател Вучиќ.
Како дел од кампањата “Иднината на Србија”, прва се обрати премиерката Ана Брнабиќ, а потоа и министерот за надворешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ.
– Денес на Србите никој не смее да им се заканува. Тоа што Александар Вучиќ сѐ уште не распишал избори е доказ за неговата одговорност. И јас посакувам избори – рече Дачиќ.
Пред присутните на собирот настапија Аца Лукас и Бора Чорба со неговиот бенд.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.