Вучиќ ќе предложи да се разгледа можноста за повторно воведување на смртна казна по убиството на Данка

Српскиот претседател потсети дека истото го предложил и по масовните убиства во основното училиште „Владислав Рибникар“ и во селата Дубона и Мало Орашје што се случија пред речиси една година

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ коментирајќи го убиството на двегодишната Данка Илиќ, по чие тело сè уште се трага, изјави дека ќе ѝ предложи на владата да ги разгледа сите прашања и препораки на Советот на Европа во врска со повторно воведување на смртна казна за најтешките кривични дела, пренесува РТС. 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ / Фото: Архива

„Своевремено јавно се залагав и барав од Владата на Србија да разгледа со Советот на Европа и со сите други дали е можно повторно да се воведе смртната казна без да се претрпат правни и политички последици, без да бидеме казнети поради тоа“,

вели Вучиќ. 

Тој додаде дека се сериозни оправдувањата на оние кои се против смртната казна. 

„Ако еднаш згрешите, а после 10 или 30 години се утврди дека сте згрешиле, тоа е многу поголем грев отколку некому да му дадете помала казна“,

рече српскиот претседател. 

Српскиот претседател, во изјава за ТВ Информер, потсети дека истото го предложил и по масовните убиства во основното училиште „Владислав Рибникар“ и во селата Дубона и Мало Орашје. 

„Јас тоа ќе го повторам во пишана форма. Веднаш штом се вратам од Париз ќе го испратам до Владата на Србија, па кога ќе формираат влада нека размислат дали ќе одат со таков предлог до Народното собрание со амандмани на Кривичниот законик или не“,

рече Вучиќ. 

Двегодишната Данка Илиќ по чие тело српската полиција сè уште трага / Фото: Министерство за внатрешни работи на Србија

Инаку, во истрагата за случајот, српската полиција уапси уште две лица под сомнение дека му помогнале на првоосомничениот за убиството на двегодишната Данка Илиќ да го премести телото на девојчето – од депонијата во околината на Бањско Поље до засега непозната локација на територијата на градот Бор. 

Неофицијално, станува збор за татко и брат на еден од осомничените за убиството – Р. Д. (73) и Д. Д. (40). 

Ним им е одреден притвор од 48 часа и тие со кривична пријава ќе бидат изнесени пред Вишото јавно обвинителство. 

Од петокот вечерта во триесетдневен притвор се и двајцата осомничени за убиството. 

Тие се товарат за кривично дело тешко убиство во соизвршителство. Осомничени се дека со автомобил го удриле девојчето, а потоа се договориле да го фрлат нејзиното тело. 

Од Обвинителството соопштија дека Д.Д. во целост го признал извршувањето на делото, додека Ј.С. се бранел со молчење. 

Инаку, и покрај интензивната потрага, телото на девојчето сè уште не е пронајдено. 

Пронајдете не на следниве мрежи: