Стана општо место излитената теза дека најголемиот виновник за невлегувањето на Македонија во ЕУ и НАТО е Грција, како ЕУ и НАТО да се немоќни заложници на „моќната“ Грција. Или, пак, како да немаат доволно механизми да ја принудат да си ги прибере распашано-инфантилните страсти, кои се надвор од било кое разумно однесување. Доволно е, на пример, да ѝ се затвори само една славина (од многуте славини!) и да се вразуми.
Од друга страна, застапниците на оваа теза – дека ЕУ и НАТО се заложници на Грција и на нејзините хирови – забораваат дека Грција е членка на ЕУ и НАТО и дека ако е таа виновникот, тогаш посреден виновник (сепак) се ЕУ и НАТО, бидејќи Грција е само нивен дел. Притоа, објаснувањата дека Грција била нивно милениче/галениче се обични сказни, бидејќи во реалниот живот виновник не може да биде миленичето/галеничето, туку оној кој го создал миленичето/галеничето.
Значи, сепак е до газдата и, токму затоа, на овој план не би требало да се има посебни илузии.